Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ: Филипче ја прозва Петровска за криминал од 37 милиони евра и со тоа јавно потврди за криминалното владеење на СДС со државата, Филипче нека даде одговори и за скандалите поврзани со него

Соопштение на ВМРО ДПМНЕ:

Венко Филипче дури откако почнаа внатрепартиските пресметки проговори за криминалот во СДС и конкретно ја прозва Славјанка Петровска во врска со наводите околу набавката на хеликоптери и договор за кој, според Филипче постоела разлика од дури 37 милиони евра.

Филипче со објавувањето на овој скандал јавно потврди за корупцијата и криминалното владеење на СДС.

Филипче почна да зборува за истрага и кривични дела, расфрла пердуви за криминал од 37 милиони евра и сега молчи и се крие.
Кога веќе Филипче почна да говори за криминалот и скандалите во СДС нека даде одговор и за тоа како добил златна виза за Дубаи, како добил автомобил од фирма која добива тендер за ископ на јаглен, треба да каже како менуваа ДУП во Дојран за изградба на фотоволтаична централа на фирма на неговиот брат и на братот на Заев.

Јавноста очекува одговори и за наводите што се појавуваат во јавноста за овие скандали.

Ако Филипче навистина сака да се бори против корупцијата, тогаш нека важи истото правило за сите и за политичките противници, и за неговите најблиски соработници, и за него самиот.

Затоа Филипче, ако почна да зборува за криминал и корупција во СДС нека бара истрага до крај. Филипче нека биде транспарентен и неселективен до крај.

Ако Филипче нема што да крие, тогаш нека одговори на сите прашања што јавноста со години ги поставува. Доста е со селективна транспарентност. Јавноста заслужува целосни одговори.