Centar.mk
foto Општина Илинден
ЛОКАЛНО

Се одржа конститутивна седница на Локалниот младински совет на Општина Илинден

Во просториите на Домот на култура „Илинден“ се одржа конститутивна седница на Локалниот младински совет на Општина Илинден, со што се создаваат услови за продолжување и унапредување на активностите насочени кон младите и нивното активно вклучување во локалните процеси на одлучување.

На конститутивната седница присуствуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на членовите на Советот им посака успешна работа, плодна соработка и успешно реализирање на планираните активности и проекти во интерес на младите од општината.

„Општина Илинден континуирано ја препознава важноста на младите како значаен двигател на општествениот развој, поради што посебно внимание посветува на создавањето можности за нивно активно учество во креирањето на локалните младински политики, кои можат да придонесат за поквалитетен живот во локалната заедница.“ – истакна градоначалникот Георгиевски.

Локалниот младински совет претставува важен механизам за иницирање активности и проекти во сите општествени области, како и во создавањето услови за личен и професионален развој на младите. Општина Илинден останува посветена на поддршката на младите, унапредувањето на младинскиот сектор и градењето општина во која нивните идеи и потенцијали ќе добијат можност да се преточат во конкретни иницијативи и активности во интерес на целата заедница.

foto Општина Илинден