Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, постави пратеничко прашање до министерот за животна средина, Муамет Хоџа, во врска со доцнењето на проектите за регионално управување со отпадот и реализацијата на регионалните центри во Новаци, Русино и Свети Николе.
Ковачевски посочи дека и покрај долгогодишните најави, стратегии и обезбедените европски средства, граѓаните сè уште се соочуваат со диви депонии, запален отпад и загадување. Ковачевски укажа и на проектот во Источниот и Североисточниот Регион, чија вредност е зголемена за 40 проценти, а учеството на европските средства е намалено од 85 на 35 проценти.
Тој побара конкретни одговори за фазата на реализација на регионалните центри, потрошените и обезбедените финансиски средства, роковите за изградба, ризикот од губење на европските средства и одговорноста за зголемувањето на трошоците.
Во продолжение, интегрално го пренесуваме пратеничкото прашање на Димитар Ковачевски:
Управувањето со отпадот е еден од најсериозните и најдолгорочните инфраструктурни и еколошки проблеми во државата. И покрај тоа што со години се подготвуваат стратегии, се изработуваат студии, се обезбедуваат европски средства и се најавуваат регионални центри, граѓаните сè уште живеат со диви депонии, запален отпад, загадување на воздухот, почвата и водите.
Ова не е само прашање на комунална хигиена. Станува збор за јавно здравје, заштита на животната средина, но и за начинот на кој се управуваат јавните инвестиции и европските средства.
Колку е сериозен проблемот покажуваат и наодите во извештајот за ефектите од јавните инвестиции во рамномерниот регионален развој.
Според овој извештај, за регионалното управување со отпадот во осумте плански региони се предвидени инвестиции од вкупно 144 милиони евра, финансирани преку заеми, грантови и средства од државниот буџет.
Но, наместо овие инвестиции да резултираат со функционален систем, граѓаните се соочуваат со сериозни проблеми во однос на она што е реализирано на терен, односно она што воопшто не е реализирано, недоволна координација со општините и ризици поврзани со навременото завршување на проектите.
Особено загрижувачки е проектот за регионално управување со отпадот во Источниот и Североисточниот Регион, во вредност од 48,4 милиони евра, кој опфаќа 18 општини од двата региона и општина Свети Николе.
Подготовката на проектот започнала уште во рамките на ИПА 1 за периодот 2007–2013 година, додека реализацијата била планирана преку ИПА 2 за периодот 2014–2020 година. И покрај толку долгиот период на подготовка, третата фаза, која се однесува на изградба на регионалната депонија и трансфер-станиците, значително доцни, односно не е реализирана.
Последиците од ова доцнење се директни и финансиски мерливи. Вредноста на проектот е зголемена за 40 проценти, а финансиската конструкција е променета така што учеството на европските средства е намалено од првично предвидените 85 на 35 проценти, додека националното учество е зголемено на 65 проценти.
Постои реален ризик од губење на доделените европски средства доколку проектот не биде завршен во предвидениот рок, а според динамиката на реализација, постои сомнеж дека тој ќе биде завршен навреме.
Тоа значи дека поради доцнењето, значително поголем финансиски товар паѓа врз домашниот буџет, односно врз граѓаните.
Истовремено, регионалните центри во Новаци, Русино и Свети Николе со години се предмет на најави и подготовки. Во август годинава Министерството повторно ја најави нивната реализација, но граѓаните сè уште очекуваат конкретна инфраструктура и функционален систем.
Министре, проблемот не е во недостатокот на стратегии и најави. Проблемот е во тоа што тие не се претвораат во навремена реализација.
Затоа моето прашање до вас го поделив во две целини.
Прво, во која реална фаза се трите регионални центри – Новаци, Русино и Свети Николе? Барам за секој од овие проекти да дадете конкретни одговори.
Дали е завршена проектната документација? Дали се обезбедени сите потребни дозволи? Дали се спроведени постапките за јавни набавки? Дали се избрани изведувачи и дали се склучени договори за изградба? Колку финансиски средства се потрошени досега, колку се обезбедени и кои се реалните рокови за започнување и завршување на изградбата, како и за ставање на центрите во функција?
И второ, што конкретно ќе преземете за да се спречи губењето на европските средства? Како ќе се покрие зголеменото национално кофинансирање и дали ќе биде утврдена институционална одговорност за зголемувањето на вредноста на проектот за 40 проценти и намалувањето на европското учество од 85 на 35 проценти?
Односно, дали Министерството има усвоено единствен, обврзувачки временски план за реализација на регионалните системи, со јасно утврдени рокови, финансиски обврски и одговорни институции?
Граѓаните не можат да живеат од проекти на хартија. Не можат секоја година да слушаат дека изградбата ќе започне следната година, додека депониите продолжуваат да горат и загадувањето станува дел од секојдневието.
Ги следев најавите во медиумите дека најавувате систем за електронско, дигитално следење на дивите депонии.
Тоа е во ред. Меѓутоа, не треба дигитален систем за да се види како постојано гори дивата депонија во Речица или како гори депонијата во Куманово. Бидејќи сите граѓани, без каков било систем, секојдневно можат да видат како горат и можат да го почувствуваат непријатниот мирис и загадениот воздух што мора да го дишат.
Очекувам да добијам конкретни податоци за реализацијата, финансиската конструкција и роковите, а не уште една најава за нешто што требало да биде завршено пред години.
https://youtu.be/zidpj_YE09Y?si=awxumntXcTbK7-rL


