Речиси 40 килограми кокаин, чувани како доказен материјал во Вишиот суд во Сува, главниот град на Фиџи, исчезнаа од судскиот сеф. Според локалните медиуми, во преостанатите пакети веќе немало кокаин, туку биле наполнети со брашно.
Полицијата започна истрага откако на 15 септември беше откриено дека недостасуваат седум од вкупно 39 пакети со кокаин. Подоцна, преостанатите 32 пакети беа подложени на форензичка анализа, при што беше утврдено дека и во нив повеќе немало дрога.
Исчезна целото запленето количество од речиси 40 килограми.
Истрагата се фокусираше на лицата задолжени за чување на доказите.
Полицијата соопшти дека доказните материјали биле преиначени и дека истрагата е насочена кон лицата кои биле директно одговорни за управување со доказите во судската архива на Вишиот суд.
Се наведува дека едно од лицата од интерес се наоѓа во странство, а полицијата има намера да го испита.
Министерот за правда на Фиџи, Сироми Турага, го нарече случајот шокантен и изјави дека никој од одговорните нема да биде поштеден од истрагата.
Кокаинот бил запленет во 2019 година.
Кокаинот бил запленет во 2019 година во случајот против Џошуа Азиз Рахман, државјанин на Фиџи со канадско државјанство.
Во 2021 година, Рахман бил осуден во случај поврзан со поседување кокаин наменет за продажба, а дрогата останала да се чува во судот како доказ за време на жалбената постапка.
Вредноста на исчезнатиот кокаин се проценува на околу 21 милион евра.
Во последниве години, Фиџи се соочува со пораст на трговијата со кокаин и метамфетамин и стана важно транзитно подрачје за шверц на дрога низ Пацификот, особено кон Австралија и Нов Зеланд.
Полицијата сега се обидува да утврди кога исчезнал кокаинот, кој имал пристап до доказите и како пакетите можеле да бидат заменети без претходно да се открие тоа./Извор:Makfax


