Соопштение на Левица:
Македонија годинава не се соочува со вообичаена сезона на комарци. Европскиот центар за превенција и контрола на болести состојбата во главниот град ја квалификува буквално како невидена епидемија на западнонилска треска. Во претходната деценија Македонија имала најмногу пет човечки инфекции годишно, а последниот извештај на ИЈЗ веќе евидентира 65 случаи, од кои 60 се потврдени и дури 60 се кај жители на Скопје. Денес бројот на починати во државата е девет. За споредба, во целиот период од 2011 (кога за првпат е регистрирана западнонилска треска во Македонија) до крајот на 2025 година биле регистрирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни исходи. Значи, само оваа сезона веќе има повеќе смртни исходи отколку во претходните петнаесет години заедно!
Токму затоа Левица побара од Град Скопје не сувопарни соопштенија, фотографии и филмски кратки видеа од авиони, туку документи и одговори: Кога е извршен секој третман, каде и на колкава површина; Со кој препарат, концентрација и доза; Колку литри или килограми навистина биле употребени; Кој го контролирал извршувањето; Што покажал ентомолошкиот мониторинг пред и по третманите; Врз основа на кој критериум Градот прогласувал некој третман за успешен. Побарани се и фактурите, записниците и доказите за извршување. Но, и по официјално доставено Барање, повторно наидовме на молк. Поради ваквото непостапување, испративме и жалба до надлежната Агенција.
А причината за молкот станува уште поважна кога ќе се погледне самата документација за набавките. Јавно објавените податоци за техничките спецификации покажуваат дека дел од сезонските третмани биле предвидени да започнат пред да бидат склучени договорите со извршителите, односно, кај авионското ларвицидно третирање спецификацијата ја опфаќа сезоната уште од март, а кај терестичките третмани предвидениот период започнува пред склучувањето на договорот со ЦЈЗ Скопје. Тоа само по себе отвора сосема легитимно прашање дали превентивната програма започнала во моментот кога требало или Градот влегол во сезоната со доцнење.
Уште посериозно е прашањето со што и со каков ефект се прскало. Во јавниот оглас и тендерот, тежиштето е ставено на хектари и наврати, а за средството се бара понудувачот само да изјави дека е ефикасно и безбедно и дека ќе го применува согласно упатството на производителот. При ваква епидемија, страв и потрошени средства од градската каса, јавноста има право да знае за важечките решенија, дозволената намена и конкретно дали препаратот е дозволен за авионска апликација, употребените концентрации и количества, дозата по хектар и доказ дека третманот имал ефект.
И Светската здравствена организација предупредува дека следењето на резистентноста е клучно за избор на ефикасен инсектицид, а ECDC токму годинава нагласува дека е потребен посилен доказ за ефикасноста, безбедноста и влијанието на мерките за контрола на комарците. Со други зборови, прелетан хектар (како што Град Скопје барал во тендерската документација) не е исто што и успешно третиран хектар.
И прскањето е само половина од приказната. Превентивна мерка е и редовното одржување на теренот покрај водните канали и другите водни површини, затоа што застоената вода создава услови за размножување на комарците. Затоа од Градот побаравме одговор за тоа дали воопшто имало налог за чистење на жариштата и скопските канали.
Во момент кога ECDC зборува за невидена епидемија во главниот град, а бројот на смртни исходи во една сезона веќе го надмина вкупниот број од претходните петнаесет години, молчењето за ваква документација само ги разгорува сомнежите со тоа што ги остава неодговорени најважните прашања за превенцијата и третманот. Ако ДПМНЕ мисли дека со молк ќе ги закопа прашањата – се излажале. Или одговорно и достоинствено ќе одговорат и документите ќе ги извадат на маса, ќе покажат што, кога и со каков ефект направиле, или секој ден молчење само ќе ја зацврстува јавната дилема дали зад ‘прскавме’ всушност стои нешто многу подлабоко и криминално што не сакаат да го покажат. Кога станува збор за јавното здравје, нема место за ароганција, партиска бахатост, ПР и криење.


