Општина Центар, во соработка со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, е првата општина во државата која на организиран начин спроведува обуки на воспитно-згрижувачкиот кадар и стручните служби во детските градинки за рана детска интервенција.
„Има голема заинтересираност за оваа обука, која ја спроведуваат стручни лица во нашите градинки. Крајна цел е вработените да создаваат поттикнувачка средина за децата, да знаат како да ги препознаат потешкотиите во нивниот развој и навремено да ги информираат родителите, за да се даде соодветна помош на оние на кои им е потребна”, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Преку проектот на СОРИД, наменет за деца до шестгодишна возраст, се нуди поддршка за рана интервенција, како и поддршка на семејствата. За сите родители кои сакаат да се вклучат се прави индивидуална проценка на детето и потребите на семејството, по што се изготвува Индивидуален семеен план за поддршка (ИСПП), со континуирана поддршка од стручно лице.
За информации и совети функционира и платформата www.ranaintervencija.mk, поддржана од Општина Центар.
Локалната самоуправа, со вложување во вакви проекти, континуирано ја зајакнува социјалната заштита и обезбедува поквалитетен живот за децата и семејствата.


