Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата когенеративна централа на „ТЕССА Енерџи“ во Општина Чаир, на настан на кој присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, како и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Министерката Божиновска порача дека секој нов енергетски капацитет има значење многу пошироко од самата инвестиција, бидејќи претставува дел од процесот на градење посигурен, постабилен и помодерен енергетски систем.
„За нас како Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, секој нов капацитет има пошироко значење. Нашата цел е да изградиме енергетски систем кој ќе биде сигурен, стабилен, модерен и конкурентен – систем кој ќе може да одговори и на потребите на граѓаните и на растечките потреби на индустријата“, истакна Божиновска.
Таа нагласи дека енергетската сигурност денес не е само прашање на производство на електрична енергија.
„Енергетската сигурност е прашање на економска стабилност, конкурентност, инвестиции и квалитет на живот. Секој нов мегават домашно производство значи дополнителен капацитет и поголема отпорност на нашиот систем во услови на променливи цени и неизвесности на европските и светските енергетски пазари“, порача министерката.
Божиновска посочи дека развојот на енергетиката мора да продолжи со инвестиции во нови производни капацитети, но истовремено и со сериозни вложувања во мрежата, инфраструктурата, енергетската ефикасност, обновливите извори и современите технологии.
„Тоа е патот кон енергетски систем кој нема само да произведува повеќе енергија, туку ќе биде подобро управуван, поотпорен и подготвен за предизвиците што ги носи новото време“, нагласи Божиновска.
Министерката испрати јасна порака дека Македонија има потреба од нови инвестиции во енергетиката и дека Министерството ќе продолжи да создава предвидлива и стабилна средина за нивна реализација.
„Енергетските инвестиции можат и мора да се реализираат ефикасно, одговорно и во согласност со утврдените правила и стандарди. Нашата задача како институција е да создадеме услови за развој, но истовремено да го чуваме јавниот интерес и да обезбедиме сигурен и стабилен енергетски систем за државата“, истакна Божиновска.
Таа додаде дека за Министерството е особено важно домашните инвеститори да имаат доверба и сигурност да вложуваат во енергетската иднина на државата.
„Нашата порака е јасна – Македонија треба да продолжи да гради, да инвестира и да создава нови енергетски капацитети. Но секоја инвестиција треба да носи поширока вредност – за економијата, за локалната заедница и за иднината на државата“, порача министерката.
Новата когенеративна постројка на „ТЕССА Енерџи“ е реализирана врз основа на Овластување за изградба на енергетски објект издадено од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, по успешно завршени технички прегледи и функционални испитувања. Тоа покажува дека енергетските инвестиции можат да се реализираат ефикасно, одговорно и во согласност со утврдените правила и стандарди.
Постројката има инсталирана моќност од 2,106 MW за производство на електрична енергија и капацитет од 2,6 MW топлинска енергија. Инвестицијата претставува прва фаза од поширок план за развој и модернизација на поранешната Топлана Скопје Север во современ енергетски центар.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со политики кои значат повеќе домашни капацитети, поголема енергетска сигурност и стабилен систем – затоа што силната енергетика е основа за силна економија и сигурна иднина на државата.
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини


