Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ воведува дигитален процес на ажурирање и зачленување

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ – интегрален текст:

Од 1 септември ВМРО-ДПМНЕ започнува голема кампања за ажурирање на постојното членство и отворање на партијата за нови членови под мотото „Заедно за иднина – Приклучи се!“.

Во периодот до 30 ноември, ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе процес со кој ќе направи уште еден значаен чекор во развојот на партијата, со цел изградба на посовремена, поорганизирана и уште посилна политичка организација, која е подготвена за иднината.

Ние имаме повеќедецениска историја, силна организација и бројно членство, а силата на ВМРО-ДПМНЕ се луѓето кои со децении се дел од партијата, кои верувале и придонесувале и во најтешките периоди, но и новите генерации кои носат знаење, идеи, енергија и желба активно да придонесат за иднината на Македонија.

И во таа насока пораката на кампањата е јасна и едноставна, „обнови го членството, биди активен и биди дел од иднината“.

Почнувајќи од денес во период од три месеци, секој постоечки член ќе може да ги потврди или ажурира своите податоци, а истовремено, ВМРО-ДПМНЕ ги отвора вратите за секој граѓанин кој ја прифаќа програмата на партијата и сака да се приклучи.

ВМРО-ДПМНЕ е партија отворена за нови знаења, вештини и енергија и за секој еден кој има идеја, знаење, енергија и желба да придонесе, местото му е со нас.

Во рамки на процесот, за првпат во Македонија се воведува целосно дигитален начин на зачленување и ажурирање на партиското членство и за таа цел нашата ИТ комисија изработи веб-апликација која веќе е ставена во функција во општинските комитети. Додека, пак, мобилната верзија на апликацијата е доставена до Google и Apple и по нејзиното одобрување ќе биде достапна и за мобилните телефони.

Со дигиталниот процес, пријавата, верификацијата, прифаќањето на Статутот и потврдата на членството ќе можат да се завршат дигитално за само неколку минути дигитално од телефон.

Ова е уште еден чекор кон модерна, ефикасна и технолошки напредна ВМРО-ДПМНЕ, која се менува со времето и ги користи современите технологии за да биде поблиску до своите членови, до граѓаните и пред се до новите генерации.

Но, во овој процес, никого не оставаме зад нас, затоа што дигитализацијата е дополнителна можност, а не замена за досегашниот начин на зачленување и ажурирање на членството и секој што сака тоа да го направи лично, ќе може да го направи тоа во општинските комитети. Од денес, 1 септември до 30 ноември, секој ден од 17:00 до 20:00 часот, општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат отворени за членовите и за сите граѓани кои сакаат да се приклучат.

Како и до сега, личните податоци ќе се обработуваат согласно важечките законски прописи за заштита на личните податоци.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите свои членови да го обноват и ажурираат своето членство, а сите граѓани кои досега не биле дел од партијата, но сакаат активно да придонесат за посилна и поуспешна Македонија, да се приклучат, затоа што со овој процес го поврзуваме искуството и традицијата со новата енергија.

Твоето место е со нас, затоа што заедно сме посилни и заедно одиме напред.

Заедно за иднина – Приклучи се! За ВМРО-ДПМНЕ, за Македонија.