Македонски Телеком ја носи првата 5G+ мрежа во Македонија, (5G Standalone), со што започнува нова ера во развојот на мобилните услуги. Станува збор за најголемата промена во мобилните мрежи во последната деценија и за нова технолошка основа што ќе овозможи пофлексибилно и поперсонализирано поврзување. Новата мрежна инфраструктура е целосно поставена, а нејзините функционалности ќе се активираат фазно и ќе бидат достапни за корисниците до крајот на годинава.
За разлика од 5G мрежата што се користи денес, којашто за дел од основните мрежни функции се потпира на постојната 4G инфраструктура, самостојната 5G мрежа има сопствена архитектура, дизајнирана специјално за новата генерација 5G услуги. Тоа значи дека 5G повеќе не е само прашање на поголема брзина, туку на вистинско поврзување во вистински момент, приспособено на потребите на корисникот.
Новата мрежа ќе овозможи побрза реакција на апликациите и на интерактивните услуги, постабилни видеоповици, стриминг и споделување содржини, како и поквалитетно искуство во услови на голема оптовареност на мрежата, како на пример за време на концерти и големи јавни настани. Истовремено, таа ја создава основата за развој на cloud gaming, AR/VR, AI апликации, поврзани уреди и дигитални услуги што допрва ќе станат дел од секојдневието.
Една од клучните можности што ги носи 5G Standalone е мрежното сегментирање (Network Slicing), со кое можат да се креираат посебни сегменти од мрежата приспособени за конкретни потреби. Тоа во иднина ќе овозможи корисникот да добива стабилно и сигурно поврзување приспособено на услугата што ја користи – без разлика дали станува збор за важен деловен видеоповик, гејминг, стриминг или други дигитални сервиси. На овој начин, мрежата постепено преминува од исто искуство за сите кон поперсонализирано поврзување приспособено на потребите на секој корисник.
„Со првата самостојна 5G мрежа отвораме ново поглавје во развојот на мобилните комуникации во Македонија. Не станува збор само за поголема брзина, туку за целосно нов начин на кој мрежата ќе функционира и сè повеќе ќе се приспособува на потребите на секој корисник. Со оваа технологија ја создаваме основата за нови дигитални услуги и искуства за корисниците, но и за нови решенија за бизнисите, индустријата и јавниот сектор. Нашата цел е јасна – корисниците на Македонски Телеком први да ги добиваат придобивките од најновите светски технологии“, изјави Маја Милосавлевска Наумовска, Главен директор за техника и ИТ на Македонски Телеком.
Воведувањето на самостојната 5G мрежа ќе се реализира фазно, со постепено активирање на новите функционалности, со цел да се обезбедат максимална стабилност и непречено корисничко искуство. За користење на новите функционалности ќе биде потребен компатибилен 5G SA уред со соодветна софтверска поддршка. Дел од поновите 5G уреди веќе ја поддржуваат технологијата, а бројот на компатибилни уреди континуирано ќе се проширува.
Македонски Телеком е пионер во воведувањето на нови технологии на пазарот– од 3G и 4G, преку првата 5G мрежа, до првата самостојна 5G мрежа. Со континуирани инвестиции во најсовремена инфраструктура, Телеком ги носи најновите светски технологии на македонскиот пазар и ја создава основата за побрз дигитален и економски развој на земјата.
Со првата самостојна 5G мрежа, Македонски Телеком ја поставува инфраструктурата за следната фаза на дигитализацијата – мрежа што не е само побрза, туку поперсонализирана и подготвена за повисок квалитет на услугите според потребите на корисниците.


