Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Тошковски: 25 години ЕБР – четврт век „Секогаш и секаде“ во служба на безбедноста на Македонија

Денеска, по повод одбележувањето на значајниот јубилеј – 25 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на централната свеченост во Битола посветена на четвртвековното постоење и развој на една од најзначајните оперативни единици на македонската полиција.

Единицата за брзо распоредување, од своето формирање во 2001 година до денес, помина низ континуиран процес на развој, професионализација и модернизација. Низ годините, паралелно со промената на безбедносните предизвици, се развиваа нејзините оперативни способности, тактики, опрема и стандарди, со што ЕБР прерасна во високопрофесионална, мобилна и оперативно подготвена полициска формација, способна да одговори на најсложените безбедносни ситуации.

Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека зад денешниот капацитет и углед на Единицата стојат генерации полициски службеници кои со своето знаење, искуство, дисциплина и пожртвуваност ги поставувале стандардите што денес ги продолжуваат новите генерации припадници.

„Денес ЕБР е многу повеќе од една организациона единица во рамките на Министерството за внатрешни работи. ЕБР е еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем на државата. Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност – припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни. Токму затоа мотото ‘Секогаш и секаде’ не е само слоган, туку опис на професионалната мисија на ЕБР“, истакна министерот Тошковски.

Тошковски потенцираше дека современите безбедносни закани бараат модерна, професионална и добро опремена полиција, поради што Министерството продолжува со инвестиции во опрема, возила, инфраструктура, современи технологии, обука и професионален развој на полициските службеници.

„Резултатите што денес ги постигнува македонската полиција покажуваат дека сме на вистинскиот пат. Имаме најнизок криминалитет во последните дваесет години. Тоа не е резултат на една акција, една единица или еден човек, туку на илјадници полициски службеници кои секојдневно ја носат одговорноста за безбедноста на граѓаните. Во тие резултати свој значаен удел имаат и припадниците на Единицата за брзо распоредување. ЕБР била и ќе остане еден од нашите приоритети – затоа што тоа го налага безбедноста на државата“, нагласи Тошковски.

На свеченоста се обрати и командантот на Единицата за брзо распоредување, Стојанче Николов, кој се осврна на 25-годишниот развој на ЕБР и на луѓето кои низ годините го граделе нејзиниот професионален углед. Тој нагласи дека денешната ЕБР е резултат на генерации припадници кои ги пренесувале знаењето, искуството, дисциплината и чувството на припадност кон Единицата.

„За еден командант нема поголема чест од тоа да предводи луѓе на кои може да им верува кога е најтешко. За мене е особена чест и привилегија што токму во годината кога Единицата одбележува четврт век постоење ја имам одговорноста да бидам нејзин командант. ЕБР не ја создава еден командант – ја создаваат нејзините луѓе, сите генерации што поминале низ нејзините редови и секој припадник кој оставил дел од себе во она што Единицата претставува денес. Наша обврска е Единицата што ја наследивме да ја оставиме уште подобра, попрофесионална и посилна“, истакна Николов.

Во рамки на одбележувањето беше изведена и тактичко-показна вежба, во која припадниците на Единицата за брзо распоредување ги демонстрираа своите врвни професионални и оперативни вештини, подготвеноста, координацијата и способноста за дејствување во сложени безбедносни ситуации, на големо задоволство на присутните гости и граѓани.

По повод големиот јубилеј беа доделени признанија на пријатели и поддржувачи на Единицата, како и плакети за најдобриот припадник на ЕБР и за полициските службеници кои се дел од Единицата од нејзиното формирање, односно цели 25 години, како признание за нивната долгогодишна посветеност, професионалност и придонес во градењето и развојот на Единицата.

Одбележувањето на 25-годишнината беше и можност да се оддаде признание на сите сегашни и поранешни припадници на ЕБР, како и со особена почит да се зачува споменот на загинатите и починатите припадници чија служба и жртва остануваат трајно вградени во историјата на Единицата за брзо распоредување и македонската полиција.

фото МВР