На денешната прес конференција на министерот за здравство, Сашо Клековски, на која информираше за актуелната епидемија со западнонилска треска, присуствуваа и повеќе градоначалници од скопскиот регион, претставници на градот Скопје и Институтот за јавно здравје и Центар за јавно здравје
– Досега имаме регистрирано 43 случаи на западнонилска треска, од кои 40 се дефинитивно потврдени, а 3 случаи се потврдени со еден тест. Исто така, различно од претходно е што се појавија први случаи во општините Центар и Чаир. Почна контролата на птиците и лоцирана е прва угината птица – гавран на подрачјето на Скопје, што е заразена со овој вирус, информираше министерот Клековски.
Тој упати благодарност до граѓаните за совесноста и големиот број дојави за угинати птици, кои се собираат од Агенцијата за храна и ветеринарство и понатаму се испитуваат.
– Овој состанок што го одржавме со градоначалниците практично е надградба на претходните активности на град Скопје. Во моментот работиме со 34 ризични подрачја, од кои 13 се високоризични. Ризичноста се проценува според два критериуми, а тоа е застоеноста на водата и високото ниво на органска материја, потенцираше Клековски.
Воедно, министерот апелираше дека средствата со кои се прска против комарци се комплетно безбедни за луѓето и се препорачани од Светската здравствена организација.
ФОТО МЗ


