Поставувањето на новиот АТМ систем во М-НАВ е од исклучително значење за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски при посетата на М-НАВ и контролната кула Скопје.
Значењето е уште поголемо ако се земат бројките дека има преку 12 % зголемување во првите шест месеци од 2026 година во однос на 2025 година на бројот на прелети над македонското небо.
” АTM системот е технолошко решение кое што директно ќе придонесе за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај и со воведувањето во употреба, М-НАВ добива комплетно ново решение.
Она што можам да го кажам е дека во 2026-тата година, во првите шест месеци имаме прелет на 173.000 воздухоплови над македонскиот воздушен простор. Тоа се и оние коишто слетуваат на нашите аеродроми, но и оние коишто прелетуваат. Само за споредба, тоа е зголемување од 12,2% во однос на 2025-та, 23% во однос на 2024-та и 27% во однос на 2023-та година, а само во јули месец низ македонскиот воздушен простор имаме 42.000 прелети” истакна Николоски.
Како што рече овој систем е поврзан со скандали во владата на СДСМ и ДУИ, но со поставување на новото раководство на М-НАВ, со добра координација системот е инсталиран и ставен во функција.
“Набавката е започната уште во 2014 година, а договорот е склучен во 2018 година со италијанската компанија Леонардо. Од 2018 до 2024 година нема никакви активности, со тоа се соочуваа и истражните органи во изминатиот период. Со изборот на новото раководство на М-НАВ почна интензивна работа, со што еве денес сведочиме на ставање во целосна функција на ATM системот” изјави Николоски.
Во 2025 година поставен е и новиот радарски систем на контролната кула во Скопје и истиот е во завршна фаза на тестирање.
” Слична е и судбината со радарот. Имено, радарот првпат договорот е потпишан во 2022-рата година, но до 2024-тата година нема никакви активности. Во 2025-тата година новото раководство на М-НАВ започна со активности — градежни активности и сите потребни останати активности — за целосна инсталација на новиот радар. Новиот радар веќе е на контролната кула и во моментов се вршат потребните тестирања. Во текот на септември или октомври месец ќе биде целосно ставен во функција, со што македонското небо ќе има највисок систем на контрола и највисок систем на безбедност. Со воведувањето на овие два системи — ATM системот и новиот радар — целосно го покриваме македонското небо на највисоко ниво што во моментот во светот може да се најде на контрола на безбедност” истакна Николоски.


