Соопштение на ВМРО ДПМНЕ:
СДС и Венко Филипче со лаги не можат да ја сокријат одговорноста на нивните кадри во Гостивар. Конструкциите, лагите и манипулациите на Венко Филипче и СДС за состојбите во Гостивар не можат да ја сокријат вината и неспособноста на нивните кадри во Гостивар.
СДС и Филипче покажаа елементарно непознавање на тоа како функционира системот и кој за што е надлежен, барајќи одговорност на погрешна адреса.
Фактите се јасни. Контролата на квалитетот на водата е во надлежност на локалните институции. Во Гостивар локалната власт ја предводат кадри поддржани од СДС, ДУИ и Арбен Таравари. Градоначалникот Валбон Лимани е нивен избор и нивна политичка одговорност.
Наместо да одговорат кој потфрлил таму каде што тие ја имаат локалната власт, СДС секојдневно пласира невистини и ја насочува јавноста кон погрешна адреса.
Додека надлежните институции и службите работат деноноќно за целосно надминување на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, СДС и Венко Филипче продолжуваат со старата пракса, политиканство, манипулации и обид за собирање евтини политички поени врз грбот на граѓаните.
Затоа, ако навистина бараат одговорност, нека почнат од сопствените редови. Наместо прес-конференции со обвинувања, нека им објаснат на граѓаните што направиле и зошто дошло до оваа состојба.
Институциите остануваат целосно посветени на решавање на проблемот. Веќе е обезбедена технички исправна вода за лична и домашна хигиена, а согласно проценките на надлежните служби, во најбрз можен рок се очекува да биде обезбедена и безбедна вода за пиење во Гостивар.


