Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ: Бројките потврдуваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе две години неуморно работи да го подобри секторот земјоделство

Соопштение на ВМРО ДПМНЕ:

Во изминатите две години, откако Владата го стабилизира секторот земјоделство, приоритет станаа капиталните инвестиции, модернизацијата и изградбата на институција која функционира.

Затекнати беа блокирани проекти како кредитот од германската KfW банка од 80 милиони евра кој стоеше нереализиран пет години, а кредитот од Светска банка за модернизација на земјоделството имаше реализација под 10%. Денес, изградбата на логистичко-дистрибутивен центар во Скопје е во тек и ќе заврши до крајот на 2027 година, а во Струмица се подготвува Центар за сортирање и складирање. Воведен е дигитален систем за управување со земјоделско земјиште, склучени се над 2.100 договори за околу 6.000 хектари државно земјиште, а дополнителни 2.000 хектари се ослободени и наскоро ќе бидат достапни за земјоделците.

Во водостопанството, минатата година беа обезбедени 132 милиони денари поддршка. По шест децении, езерото Младост е исчистено, а површините под наводнување пораснаа од 14.000 на 17.700 хектари. Отклучени се и проектите за браните Конско и Речани, хидросистемот Равен-Речица, системите за наводнување Колибари, Сарај и Турија, проектот Злетовица, обезбедени се европски средства за Сопот и Новаци, а Страиште и Пепелиште се активни.

Шумарството премина од загуба во профит од 10 милиони денари, со нов дигитален систем за следење на ресурсите. Склучени се 71 нови договори за концесија на ловишта, а по долг застој, Охридското Езеро е порибено со околу еден милион единки охридска пастрмка. Подготвени се нови закони за земјоделско земјиште, земјоделство и рурален развој, уредување на пазарите и шумите, како и револвинг фонд за откуп на земјоделски производи.

Од проекти кои со години стоеле во место, денес има активни градилишта и инвестиции, со конкретна придобивка за земјоделците и за сите граѓани. За земјоделците тоа значи сигурност и подобри услови, а и бројките зборуваат сами за себе. Ова е политиката на ВМРО-ДПМНЕ и ќе продолжиме уште поактивно и попосветено.