Centar.mk
фото Министерство за Економија
БИЗНИС

Презентирани мерките од Оперативниот план за вработување во Делчево, досега пристигнати 44 апликации од правни субјекти за вработување 65 невработени лица

Денес во Делчево се одржа информативен ден за активните мерки од Оперативниот план за вработување за 2026 година и активните јавни повици од мерките „Вработување и раст на правни субјекти“ и „Обука на работно место кај конкретен работодавач“.

Пред голем број на претставници на бизнис секторот заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и раководителката на Агенцијата за вработување од Делчево Маја Вирчанска пред присутните лица ги презентираа двете мерки, начинот и потребните критериуми за користење на бенефитите од двете мерки, како и постапката за аплицирање.

– Вкупниот буџет за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ изнесува 5,4 милиони евра, вкупниот опфат изнесува 1385 лица, а интересот е голем. Оваа мерката за поддршка за отворање на нови работни места, покрај тоа што е една од најпопуларните, истовремено е и една од најуспешните, бидејќи според податоците на Агенцијата за вработување преку 80 проценти од лицата кои се ангажирани преку оваа програма остануваат во работен однос и по истекот на периодот на субвенционирање – кажа заменик-министерот Ристески.

Градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски истакна дека како локална самоуправа, силно ги поддржуваат сите активности што создаваат нови работни места, го поттикнуваат развојот на малите и средните претпријатија и придонесуваат за посилна локална економија.

– Во Делчево дури 44 правни субјекти аплицирале по мерката од Оперативниот план за вработување за мерката Вработување и раст на правни субјекти со можност за вработување на 65 невработени лица. Ги повикувам сите стопанственици, идни претприемачи и невработени лица да ги искористат овие можности, да се информираат и да аплицираат за мерките што најмногу одговараат на нивните потреби. Само преку партнерство меѓу институциите, бизнис-заедницата и граѓаните можеме да создадеме услови за одржлив економски развој и подобар животен стандард. Општина Делчево и понатаму ќе биде активен партнер во сите процеси што значат економски напредок, отворање нови работни места и задржување на младите во нашиот град – кажа градоначалникот Гоцевски.

Сите правни лица заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб-страната (https://av.gov.mk/).

Јавниот повик за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ трае до 24 јули (петок) 2026 година.

фото Министерство за Економија