Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции посочи дека последните извештаи на Европската Унија се сериозно предупредување за назадувањето на државата во клучните области – владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и слободата на медиумите.
„Со жалење можам да констатирам дека се лоши последните извештаи од страна на Европската комисија, од сите официјални лица кои доаѓаат од Европската Унија. Влијанието на оваа власт врз правосудството, независноста на правосудството, отвореното влијание од страна на највисоките инстанци на власта, слабиот перформанс во борбата со корупцијата, влијанието на ‘српскиот свет’ и со тоа влијанието на Русија врз овој регион, овде на Балканот, на овој дел од Европа, се нешто што отворено стои во извештаите“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека покрај состојбите во правосудството, сериозни забелешки има и за слободата на медиумите.
„Контролата на медиумите, притисокот врз новинарите, исто така се констатирани во извештаите на Европската Унија. Нешто што е целосно контрадикторно со најавите дека ние сакаме да одиме кон Европа од страна на власта, а притоа не се прави чекорот напред кој треба да се направи“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека единствената реална перспектива за државата останува европскиот пат и предупреди дека секое негово намерно блокирање има сериозни последици.
„Едноставно, нема друг извор и немаме алтернатива, освен членството во Европската Унија, кое како стратешки пат започна во 1991 година, од независноста на Македонија. Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар. Очигледно е дека не одиме напред. Ние сме единствената земја која нема отворено поглавје за преговори, додека овие четири земји кандидати очигледно ќе бидат следните земји членки на Европската Унија“, потенцираше Филипче.
фото видео СДСМ


