Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

НЕВРЕМЕТО УДРИ СО СЕТА СИЛА ВО СКОПЈЕ: Покриви летаа, дрвја паѓаа врз автомобили

Силно невреме попладнево ги погоди Скопје и Куманово, оставајќи зад себе оштетени автомобили, блокирани улици и откорнати покривни конструкции.

Поројниот дожд и силните налети на ветер го зафатија Скопје околу 17 часот. За кратко време, на повеќе локации биле искршени и откорнати дрвја, а дел од нив завршиле врз паркирани автомобили. Ветерот соборил и семафори, додека од одредени објекти биле однесени делови од покривите.

Поради паднатите предмети и расфрланиот материјал, неколку улици останале целосно или делумно непроодни, што предизвикало проблеми во одвивањето на сообраќајот.

Речиси во истиот период, силно невреме го зафатило и Куманово. И таму биле регистрирани паднати дрвја и електрични бандери, како и оштетени и откорнати покривни конструкции на неколку места.

Засега се пријавува материјална штета, а целосниот обем на последиците од невремето дополнително ќе се утврдува.