Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Левица со законски измени против легализираната пљачка на лозарите

Соопштение на Левица:

Пратеничката група на Левица денес поднесе Предлог-закон за изменување на Законот за вино, со кој се брише одредбата што им овозможува на откупувачите законски да ја намалуваат минималната откупна цена на винското грозје за до 8%.

„Лозарите кога плаќаат за наводнување, ѓубриво или препарати, никој не им дава цена намалена за 8% само затоа што не плаќаат на рати.“ – истакна пратеникот Сашко Јанчев на денешната прес-конференција.

Иако законот предвидува минимална откупна цена, ДПМНЕ во него остави механизам со кој таа цена може да се намали. Така, заштитата на лозарите останува само на хартија, додека во пракса повторно предност добива крупниот винарски капитал.

Левица предлага оваа одредба целосно да се избрише, за минималната цена конечно да биде навистина минимална – без „попусти“, без исклучоци и без законски простор за уцени.

Наместо закони што оставаат резервни излези за привилегираните, Македонија има потреба од закони што го штитат трудот. Секогаш кога ДПМНЕ зборува за „заштита“ на земјоделците, во ситните букви се крие нова поволност за крупниот капитал. Овој предлог-закон ја отстранува токму таа неправда и ја враќа смислата на минималната откупна цена – да биде гаранција за лозарот, а не привилегија за винаријата, велат од Левица.