Соопштение на Левица:
ДПМНЕ залудно се обидува сопствената вина да ја претвори во пропаганда против Левица. Власта не беше немоќен набљудувач на процесот, туку негов организатор, предлагач и носител на парламентарното мнозинство. Затоа, доколку бара виновник за недонесувањето на Изборниот законик, треба најпрво да погледне во сопствените редови, сопствените недоследности и условите што намерно ги постави во последен момент за да го минира процесот. Власт која сака исполнување на реформската агенда не поставува неприфатливи, уценувачки црвени линии во последен момент, туку активно гради консензус и ги отстранува пречките.
Но, ДПМНЕ не само што не ги отстрануваше пречките, туку ги произведуваше. Откако со месеци ја избегнуваше суштината, во самиот финиш внесе прашање што не беше предмет на работата на Работната група и го прогласи за неприкосновена црвена линија. Тоа е смислено темпирана диверзија – прво се создава услов што другите не можат да го прифатат, потоа се остава рокот да истече, а на крај однапред подготвеното партиско соопштение ја прогласува Левица за виновна.
ДПМНЕ не сакаше Изборен законик што ќе го демократизира системот, туку документ што ќе го задржи нивниот изборен комфор. Во моментот кога стана јасно дека една изборна единица и фер услови ќе ја зајакнат Левица, европската агенда беше фрлена под маса, а со СДСМ беше избран побезбедниот аранжман – подобро државата да остане со неисполнети обврски, отколку нивниот заеднички монопол да биде загрозен.
Партии уверени во народната поддршка не бегаат од една изборна единица, не бараат спас во изборни манипулации и не си обезбедуваат милионска буџетска предност за политичко рекламирање. Од еднакви правила се плашат само оние што знаат дека нивната реална политичка тежина е помала од моќта што им ја подарува системот.
ДПМНЕ може да произведува соопштенија, да измислува коалиции и да ја прогласува секоја критика за напад врз државата, но не може да го сокрие исходот дека тие го пробија рокот, ја внесоа уцената во последен момент и тие ја жртвуваа реформата за да го зачуваат изборниот монопол. Реформската агенда не е неисполнета поради Левица, туку затоа што ДПМНЕ ја стави партиската пресметка над јавниот интерес.
Левица ќе ги користи сите политички, институционални и демократски механизми за прашањето за една изборна единица повторно да биде отворено. Рокот што го проби власта не го поништува барањето на народот.


