Centar.mk
МОЗАИК

Турското крајбрежје ги нуди едни од најдобрите искуства за време на летните горештини

Позната по своето сончево крајбрежје, кристално чисти води и идилични приморски одморалишта, Туркије е идеална дестинација за одмор исполнет со море, песок и сонце. Медитеранската клима, ублажена од нежните морски ветрови, создава совршени услови за релаксирачки летен одмор. Но, покрај традиционалното уживање на плажа, благодарение на разновидната природа и богатство на културно-историски содржини, посетителите лесно можат да ги комбинираат деновите покрај морето со природни пејзажи и уникатни искуства.

Мугла, туристичката ѕвезда на Туркије, претставува идеална почетна точка за незаборавен одмор. Покрај познатите дестинации Мармарис и Фетије, туристите кои сакаат луксузно летно бегство можат да го изберат Бодрум, кој освојува со лавиринтот од тесни улички со традиционални бели куќи и можностите што ги нуди за истражување на скриени заливи и на богатиот подводен свет. Тука се и рестораните со Мишелин ѕвезди каде може да се ужива во префинетата егејска кујна.

Измир, бисерот на егејскиот регион на Туркије, е познат како дестинација со најпријатна летна клима. Покрај Фоча, и полуостровот Чешме нуди исклучително чисто море, каде благодарение на постојаното пиркање на ветерот, водата и воздухот се свежи во текот на летото. Постојаните ветрови во Алачати создаваат идеални услови за сурфање, додека блиската Урла ги привлекува посетителите со летните вкусови на егејската кујна. Исто така, античкиот град Ефес е отворен за вечерни посети, овозможувајќи разгледување во пријатната свежина на ноќта.

За оние што бараат уште посвежо море, патувањето може да продолжи кон Северниот Егеј и да се посети Асос во Чанаккале, познат по специфичната микроклима и идеални услови за капење и нуркање. Во близина, посетителите можат да уживаат во постојаниот морски ветер кај Храмот на Атена или да вечераат непосредно покрај морето. Оние кои сакаат да избегаат од сонцето можат да ја заменат плажата со планината Ида, едно од местата со најбогат кислород во светот, каде што можат да пешачат низ борови шуми и да откриваат ледено студени водопади. На кратко патување со траект од Чанаккале се наоѓаат северноегејските острови Бозџаада и Ѓокчеада, кои нудат уште еден освежителен начин да се доживее летото во Туркије.

Иако летните температури достигнуваат врв во Анталија, освежителното капење, пријатните морски ветрови и бројните активности во природа овозможуваат регионот да се доживее во текот на целиот ден. Кристално чистото Средоземно Море нуди безброј можности за авантура, а во внатрешноста, пештерите Караин и Дамлаташ, како и студените води на кањонот Коприлу, претставуваат идеално освежување во најтоплиот дел од денот. Повисоко, на планината Таурус, свежите висорамнини и чистиот планински воздух ги повикуваат посетителите на живописни пешачки тури и пријатно бегство од летната жештина. Кога вечерниот воздух ќе се разлади,  во рамки на проектот „Ноќни музеи“, посетителите можат да ги истражуваат античките градови Патара и Аспендос под ѕвезденото небо или да се релаксираат со лесните и свежи вкусови на медитеранската кујна, надополнети со локално произведени бели вина, создавајќи незаборавен завршеток на денот.

фото ТГА