Во ноќниот напад со руски балистички ракети врз Киев беа повредени две лица. Експлозии одекнуваа низ главниот град кратко пред тревогата за воздушниот напад, а украинските воздухопловни сили предупредија за закана од балистички ракети. Локалните власти ги повикаа жителите да останат во засолништа, објавува „Киев Индепендент“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека ракетниот напад предизвикал пожар во магацините во градскиот округ Десњански. Одделен пожар избувна во нестанбена зграда во округот Свјатошински.
„Административна зграда и магацини се запалија во округот Свјатошински. Две лица се повредени, од кои едно е хоспитализирано“, соопшти Државната служба за вонредни ситуации. На друго место во истиот округ, избувна пожар во гаражен комплекс, оштетувајќи трамваи и административна зграда.
Со оглед на тоа што напредувањето на руските трупи на фронтовската линија е запрено, Москва се потпира сè повеќе на балистички ракети за да нанесе што е можно поголема штета на украинските градови во воздушните напади.
Способноста на Украина да ги заштити своите градови од вакви ракети во голема мера зависи од нејзините намалени залихи на пресретнувачи „Патриот“. Ова е муниција за американскиот систем за воздушна одбрана, што е единственото оружје кое се покажа како ефикасно против балистички закани./Извор:Makfax


