Centar.mk
фото Собрание
МАКЕДОНИЈА

Моника Зајкова избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Моника Зајкова, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), Никола Мицевски и Бобан Карапејовски, членови на Делегацијата, учествува на 33. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 4 до 8 јули 2026 година во Хаг, Холандија, на темата: „Меѓународното право и заедничките принципи: основи за безбедност и соработка во областа на ОБСЕ“.

На рамките на Годишната сесија, Моника Зајкова беше избрана за потпретседателка на Парламентарното собрание на ОБСЕ, што претставува значајно признание за нејзиниот личен ангажман, како и за активната и конструктивна улога на Собранието на Република Северна Македонија во работата на Парламентарното собрание. Како потпретседателка, Зајкова ќе биде дел од Бирото на Парламентарното собрание, кое го насочува работењето на организацијата, учествува во донесувањето на стратешките одлуки, го претставува Собранието на ОБСЕ на меѓународни настани и мисии, придонесува во унапредувањето на парламентарната дипломатија и го поддржува претседателот во извршувањето на неговите надлежности.

Зајкова учествуваше во генералната дебата на сесијата, која беше отворена со обраќања на претседателката на Меѓународниот кривичен суд, Томоко Акане и претседателот на Одборот за односи со партнери на Eurojust, Боштјан Шкрлец. Таа истакна дека меѓународното право и принципите врз кои е основана ОБСЕ претставуваат темел за мирот, стабилноста и меѓусебната доверба меѓу државите. Истовремено, предупреди дека вооружените конфликти, хибридните закани, сајбернападите, дезинформациите и нападите врз демократските институции го ставаат под сериозен притисок меѓународниот поредок заснован на правила. Зајкова нагласи дека Република Северна Македонија останува цврсто посветена на дијалогот и мултилатералната соработка, како единствен одржлив пат кон трајна безбедност, истакнувајќи ја важноста на Парламентарното собрание на ОБСЕ како еден од ретките форуми каде што политичкиот дијалог продолжува и во услови на длабоки несогласувања. Посебен акцент стави на сајбер-безбедноста, потсетувајќи на Петтиот интерпарламентарен форум на делегациите од Југоисточна Европа во ПС на ОБСЕ, одржан годинава во Охрид, каде што беше потврдена потребата од поблиска регионална соработка, посилни законодавни рамки и поголема отпорност на дигиталните закани. На крајот од обраќањето, таа ја реафирмира целосната подготвеност на Република Северна Македонија активно да придонесува кон зајакнувањето на ОБСЕ.

Во текот на Годишната сесија, членовите на македонската делегација учествуваат во работата на пленарните седници, генералните комисии и придружните настани, на кои што се разгледуваат најактуелните безбедносни, политички, економски и хуманитарни предизвици со кои се соочува регионот на ОБСЕ. На дневен ред на сесијата се бројни нацрт-резолуции и препораки кои се однесуваат на почитувањето на меѓународното право, војната во Украина, контролата на вооружувањето, хибридните закани, климатските промени, економската и енергетската безбедност, сајбер-безбедноста, вештачката интелигенција, демократските процеси, човековите права и владеењето на правото. Генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Синирлиоглу, и генералниот секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Роберто Монтела, ќе се обратат на завршната пленарна седница на 8 јули.
Се очекува 33. Годишна сесија да заврши со усвојување на Хашката декларација, со која ќе бидат утврдени насоките за идното дејствување на Парламентарното собрание.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

фото Собрание