Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во текот на градежните активности за изградба на новата училишна зграда во рамки на ООУ „Гоце Делчев“ во населба Илинден.
При увидот, градоначалникот истакна дека изградбата на новиот училишен објект претставува една од поважните инвестиции во образовната инфраструктура во општината, со која ќе се создадат современи услови за реализација на образовниот процес и ќе се овозможи поквалитетно, инклузивно и интегрирано образование за учениците.
Со реализацијата на овој капитален проект, повеќе од 1.000 ученици ќе имаат можност наставата да ја следат во една смена, што значително ќе придонесе за подобрување на условите за учење и за унапредување на наставниот процес.
Новиот објект ќе се простира на површина од над 900 м² на два ката и ќе располага со 10 училници, шест санитарни јазли, од кои два се наменети за лица со попреченост, лифт за непречена мобилност, две простории за складирање и наставничка канцеларија.
Градоначалникот Георгиевски нагласи дека инвестициите во образованието остануваат меѓу највисоките приоритети на локалната самоуправа, при што Општина Илинден континуирано и рамномерно инвестира во сите основни училишта на нејзина територија.
Изградбата на новата училишна зграда се реализира во соработка со Владата и Министерството за образование и наука и претставува уште еден значаен чекор кон создавање современ, достапен и квалитетен образовен систем за сите ученици во општина Илинден.
фото Општина Илинден


