Поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет вчера изјави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху „не е во состојба да ја води сопствената влада“ бидејќи, како што тврди, е преземен од крајнодесничарските министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич и ултраортодоксните групи.
„Нетанјаху зависи од нив“
Во интервју со водителот Марио Навфало, Бенет остро го критикуваше Нетанјаху. „Тој не е во можност да ја води сопствената влада бидејќи е контролиран од Бен-Гвир, Смотрич и Харедите“, рече тој.
„Не би толерирал никакви идиоти во мојата влада кои даваат навистина глупави изјави, од типот што го слушаме од луѓе како Бен-Гвир и Смотрич. Воопшто не би го пуштил Бен-Гвир во владата. Но, ако некој во мојата влада кажеше нешто такво, ќе го повикав на одговорност. Нетанјаху повеќе не може да го прави тоа бидејќи зависи од нив“, додаде тој.
Оштетен меѓународен углед
Бенет призна дека меѓународниот углед на Израел е значително оштетен, не поради пристрасни медиуми или странска пропаганда, туку поради однесувањето на самата влада. Според него, министрите нанесуваат „постојани самонанесени рани“ на имиџот на Израел, додека земјата спроведува „нулта јавна дипломатија“.
Поранешниот премиер, исто така, тврдеше дека долготрајните војни на Израел во Појасот Газа, Либан и на иранскиот фронт се спротивни на израелската воена доктрина и ја исцрпуваат земјата. „Тоа не е израелска доктрина“, рече тој.
„Ако мора да одиме во војна, тогаш ајде да се бориме брзо и силно, да ја добиеме и да продолжиме кон стабилизирање на регионот. Кога ќе ја одолговлекувате толку долго, тоа ја исцрпува нашата економија и нашите резерви“, заклучи Бенет./Извор:Makfax


