Centar.mk
фото Општина Центар
ЛОКАЛНО

Герасимовски: Срамота е што советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги блокира вработувањата на административно технички персонал и дефектолози во основните училишта

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, остро реагираше откако советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржа предлог-одлуката за вработување технички персонал во основните општински училишта.

„Искрено, разочаран сум од тоа што го гледам. Советници да гласаат против подобри услови за децата во училиштата е навистина несфатливо. Денес се училиштата, утре ќе бидат градинките. Толку ли ви се важни партиските насоки?

Сите ние доаѓаме од политички партии, но овде сме избрани да работиме за граѓаните. Во изминатите четири години сите одлуки што беа во интерес на граѓаните, децата, учениците и училиштата добиваа поддршка, без разлика на политичката припадност. За жал, последните недели гледаме поинаков пристап – прес-конференции, политички напади и одлуки кои очигледно се носат во интерес на партиски штабови, а не на граѓаните.

Ќе ви се удри од глава тоа што не гласате за вработување на технички персонал и дефектолози. Знаете ли што значи училиштата да немаат доволно технички персонал? Кој ќе се грижи за хигиената? Кој ќе им помогне на децата со посебни образовни потреби? Лудост е пак да гласаме за дупови како што се гласало пред 10 години, само заради лични интререси! Ова е навистина срамота за советниците на ВМРО ДПМНЕ да си поигруваме со децата, сега во школите, а после и градинките!

Четири години не дозволивме партиските интереси да бидат пред интересите на граѓаните и така ќе продолжиме. Кога носите вакви одлуки, размислувајте со своја глава и гласајте во интерес на граѓаните, а не по партиски директиви“, рече Герасимовски.

На деветтата седница на Советот на Општина Центар се води бурна расправа околу потребата од нови вработувања во основните училишта. Од страна на општинската администрација беше посочено дека училиштата се соочуваат со сериозен недостиг од технички персонал, хигиеничари и дефектолози, што директно влијае врз условите за работа и квалитетот на воспитно-образовниот процес.

Беше нагласено дека станува збор за реална потреба на училиштата, а не за политичко прашање, при што беше упатен повик сите советници заеднички да најдат решение, наместо оваа тема да се користи за дневно-политички и популистички цели, бидејќи последиците од недостигот на кадар најмногу ги чувствуваат учениците.

фото Општина Центар