Centar.mk
БИЗНИС

Цените на нафтата повторно растат поради новите тензии меѓу САД и Иран

Цените на нафтата пораснаа во понеделникот по новата ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, која повторно ја зголеми неизвесноста околу безбедноста на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.

Цената на суровата нафта „брент“ достигна 73,21 долари за барел, што претставува раст од околу 0,9 проценти. Аналитичарите оценуваат дека пазарот можеби прерано реагирал со оптимизам по најавите за прекин на огнот, со оглед на тоа што тензиите повторно ескалираа.

До новиот раст на цените дојде откако американската војска соопшти дека во петокот и саботата извршила напади врз цели во Иран, како одговор на иранските напади врз два трговски брода во Ормускиот Теснец. Иран возврати со лансирање ракети и дронови кон американски воени објекти во Бахреин и Кувајт.

Во меѓувреме, повеќе американски медиуми објавија дека Вашингтон и Техеран начелно се договориле да ги прекинат нападите и да ги обноват преговорите, а според „Аксиос“, разговорите би требало да се одржат во вторник во Доха, Катар. Иран засега не ги потврди овие информации./Извор:Makfax