Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, информирајќи за Реформската агенда, истакна дека и во јунскиот извештај повторно ќе бидеме први од земјите од Западен Балкан и се очекува во јули да добиеме и дополнителни средства и на овој начин покажуваме дека заслужуваме да бидеме дел од Европа без да имаме пред нас билатерални спорови и други спорови кои се однесуваат на прашања кои немаат врска со Копенхагешките критериуми.
„Сигурен сум дека апсолутно ќе влеземе повторно како првопласирани и во јунското мерење, односно најголема испорака да имаме на реформи и чекори кои се дел од Реформската агенда. Има последни нивелирања на одредени законски решенија и индикатори коишто денеска на владина седница онлајн ги завршуваме, утре ќе има седница во Парламент и на тој начин ќе имаме меко приземјување со овој јунски циклус. Веќе следната недела имаме брифинг со евроамбасадорите во државата каде и нив ќе ги брифираме што беше опфатено во оваа група на индикатори кои се испорачани, завршени и ќе бидат испратени до Брисел“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека се надева денес да се надминат сите предизвици и конечно Изборниот законик ќе се најде на утрешната седница во Собрание, бидејќи тој чекор е важен и треба да заврши до јуни, и да се движиме во процесите кои следат со прифатени препораки на ОБСЕ/ОДИХР.
„Ќе ми дозволите да ве информирам како пратеници дека практично три држави кои се дел од Западен Балкан, шест групата, немаат искористено средства од Реформската агенда, односно делот од тие средства остануваат во еден пул кој останатите три ќе ги користат. Во една неформална дискусија информирани сме дека и ние ќе имаме зголемување на тој буџет поради испораката којашто ја правиме со реформите, но тоа би требало конечно да се донесе како одлука на почетокот на јули месец. Тоа е уште едно признание за напорите на Владата во делот на испорака за Реформската агенда и јас сум убеден дека тоа ќе се случи. И на тој начин ќе обезбедиме дополнителни средства и за ликвидност на Буџетот, но и за реализирање на програмите“, вели премиерот Мицкоски.
Во врска со средствата од 750 милиони евра од Реформската агенда, премиерот Мицкоски појасни дека тоа не средства кои некој ги има во џеб и на нас како испорачуваме ни ги дава, туку тие се поделени отприлика на три дела.
„Една третина е буџетска поддршка, една третина е WBIF програмата грантови за проекти, и една третина се меки кредити коишто би почнале да се отплаќаат од 2032 година. Така што сето тоа практично го заокружува овој процес од Реформската агенда и јас сум убеден дека после јунскиот извештај повторно ќе бидеме први и во јули ќе добиеме дополнителни средства за дополнителни проекти и ценам дека на овој начин само покажуваме дека заслужуваме да бидеме дел од Европа без да имаме пред нас билатерални спорови, без да имаме спорови кои се однесуваат на прашања кои немаат врска со Копенхагешките критериуми. Ние треба да останеме фокусирани на испорака на реформи, да имаме подобри извештаи, да се бориме за подобра функционалност на институциите, подобра економија, да се бориме за поголема отчетност кон граѓаните, поконкуретно, поквалитетен судско обвинителски систем и тоа е она во кое ние треба да ја насочиме нашата енергија и ние тоа го правиме, континуирано се консултираме со нашите партнери од ЕУ и на тој начин функционираме и ќе продолжиме“, изјави премиерот Мицкоски.
фото Влада


