Centar.mk
фото: Општина Илинден
ЛОКАЛНО

Општина Илинден потпиша Меморандум за соработка со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ за подигнување на свеста кај учениците за лицата со оштетен вид

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и директорката на Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“, Александра Јаковчевска, потпишаа Меморандум за соработка насочен кон унапредување на инклузивното образование и подигнување на свеста кај учениците од основните училишта за лицата со оштетен вид.

Во рамки на соработката предвидена е реализација на едукативна кампања наменета за учениците од сите основни училишта на територијата на општина Илинден. Преку интерактивни работилници и предавања, учениците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со своите врсници со оштетен вид, да дознаат повеќе за нивното образование, секојдневие и предизвиците со кои се соочуваат.

Оваа иницијатива има за цел да поттикне развој на емпатија, меѓусебна почит и разбирање кај младите, како и да придонесе кон создавање на поинклузивна и похумана средина во која различностите се прифаќаат и вреднуваат.

Со потпишување на овој Меморандум, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за создавање инклузивна средина и поддршката што ја дава на образовните процеси за развој на општество во кое секое дете има еднаква можност за учество и напредок.

фото: Општина Илинден