Centar.mk
Screenshot
-МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Опозицијата е сокриена, кога има можност да се покаже на терен — бега

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека опозицијата не бара предвремени избори и дека, според него, се повлекува во моменти кога треба да се соочи со граѓаните на терен.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека нема намера да се меша во стратегијата на опозицијата, но посочи дека политички е логично секоја власт, кога влегува во втората половина од мандатот, да биде подготвена за избори — без разлика дали тие би биле редовни или вонредни.

„Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Еве нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега кога имаат можност да се покажат на терен, да видат еве колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат. Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе во историјата многу пати го направила СДСМ“, рече Мицкоски.

Премиерот со ова упати критики кон СДСМ, оценувајќи дека партијата, наместо да бара изборно соочување, како што вели тој, се задржува на прес-конференции и јавни настапи со обвинувања.

Според Мицкоски, токму теренот и изборите се вистинскиот тест за тоа колку ефект имаат пораките на опозицијата кај граѓаните.

фото/ скриншот од видео на влада