Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Панова: Континуирано ја намалуваме невработеноста преку креирање корисни политики за пазарот на труд

– ВМРО-ДПМНЕ активно работи на намалување на невработеноста во земјава, а еден од нашите главни приоритети е и отворање на нови работни места. Посветено работиме на стимулирање на младите преку обуки, практикантства и креирање нови можности за вработување.

Покажуваме дека како Влада се грижиме за граѓаните, имајќи предвид дека средствата за Оперативниот план за вработување во 2025 година беа зголемени за 7,5 милиони евра во споредба со 2024 година, рече Ели Панова од ВМРО ДПМНЕ и додаде:

Во рамките на Оперативниот план за вработување за 2025 година, за првпат беа воведени таргетирани мерки за младите, особено Програмата за самовработување со грант. Во овие мерки беа вклучени над 2.600 лица, од кои речиси 1.500 беа млади до 29 години. Мерката беше успешно реализирана, при што беа отворени речиси 2.200 нови правни субјекти.

Продолжувајќи со иста посветеност, Оперативниот план за вработување за 2026 година, предвидува опфат на над 10.000 лица и е во вредност од речиси 40 милиони евра.

За таа цел, предвидени се повеќе од 32 милиони евра директно наменети за мерки за вработување, при што младите повторно се во фокусот. Најголем дел од средствата се насочени кон лица до 29 години.

Оперативниот план за 2026 година предвидува вклучување на речиси 6.000 млади лица до 29 години. Дополнително, предвидена е стимулација за вработување на младите во производните капацитети, каде што за околу 3.500 млади лица до 23 години е обезбеден младински додаток од 3.000 денари. Воедно, се предвидуваат и обуки, практикантства и мерки за унапредување на вештините и квалификациите, со цел полесна интеграција на пазарот на труд.

Преку мерката „Самовработување– претприемништво“, се очекува отворање на над 2.000 нови работни места, додека со мерката „Поддршка за креирање нови работни места“ ќе се поддржи вработувањето на над 1.500 лица. Со овие две мерки ќе бидат опфатени повеќе од 3.500 лица.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ активно работи на справување со предизвикот на невработеноста. Преку поддршка за самовработување, отворање на нови бизниси, практикантства и обуки, Владата настојува да им овозможи на младите полесно да стекнат прво работно искуство, да останат во земјата и да создаваат сопствена економска сигурност.

Целта е да се создаде поактивен пазар на труд, да се поттикне претприемништвото и да се обезбедат подобри можности за граѓаните да ја градат својата иднина дома, рече Панова.