Centar.mk
Репресент
БИЗНИС

Трета конференција на високо ниво на генерални директори на царини на Западниот Балкан и државите-членки на ЕУ

Третата конференција на високо ниво на генерални директори на царини на Западниот Балкан и државите-членки на ЕУ се одржа денес во Атина, обележувајќи значаен преод  од политичко одобрување на Зелените коридори кон нивна широка, оперативна интеграција со единствениот пазар на ЕУ. Настанот беше заеднички организиран од Независниот орган за јавни приходи на Хеленската Република, Секретаријатот на ЦЕФТА преку Проектот SEED+, и Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница. На настанот, Зелените и Сините коридори, поддржани од SEED+, беа истакнати како конкретен чекор кон непречена трговија и поблиска економска интеграција меѓу Западниот Балкан и ЕУ.

 

Гувернерот на Независниот орган за јавни приходи (IAPR), г-дин Георгос Пицалис, изјави:

„Третата конференција на високо ниво на генерални директори на царини на Западниот Балкан и државите-членки на ЕУ ја потенцира стратешката важност на царинската соработка за регионалната стабилност, економската отпорност и европската перспектива на Западниот Балкан. Во денешното опкружување, царинските администрации не се само гранични органи тие се клучни институции за заштита на јавните приходи, олеснување на легитимната трговија, зајакнување на безбедноста на синџирите на снабдување и поддршка на конвергенцијата со и во рамките на Европската унија. За Грција и Независниот орган за јавни приходи, оваа соработка претставува и одговорност и стратешки приоритет. Преку иницијативи како Зелените коридори, размената на информации пред пристигнување, интероперабилните системи и усогласувањето со стандардите на ЕУ, градиме практична доверба и создаваме услови за поврзано и безбедно царинско опкружување. IAPR ќе продолжи да ја поддржува оваа заедничка работа преку дигитална модернизација, техничка соработка и активен регионален ангажман, придонесувајќи за поцврст, поотпорен и поинтегриран европски царински простор.”

Генералниот директор на Грчкото царинство и акцизи, г-дин Димитриос Бурикос, истакна:

„Третата конференција на високо ниво на генерални директори на царини на Западниот Балкан и државите-членки на ЕУ претставува значаен чекор во подигнувањето на свеста и зајакнувањето на царинската соработка меѓу учесничките администрации. За време на панел-дискусиите, ние, раководителите на царини, заедно со високи претставници на ЕУ, ЦЕФТА и Транспортната заедница, успешно ги оценивме постигнатиот напредок и достигнувањата, и ги утврдивме следните чекори во процесот на интегрирање на царинските администрации на Западниот Балкан во царинскиот екосистем на ЕУ. Во таа насока, се фокусиравме на промовирање на интероперабилноста на ИТ системите и усогласувањето на царинските стандарди и процедури. Потврдивме дека иницијативата Зелени коридори, во комбинација со редовната размена на информации на граничните премини, придонесува за поефективни царински контроли, а воедно обезбедува поглатки и побрзи трговски текови. Овие напори ја зајакнуваат царинската отпорност и го поддржуваат постепеното интегрирање на Западниот Балкан во Европската унија — перспектива која ги инспирира и царинските администрации и приватните засегнати страни.”

Д-р Пранвера Кастрати, директорка на Секретаријатот на ЦЕФТА, ја нагласи зрелата улога на регионалната дигитална инфраструктура:

„Преку техничката моќ на SEED+ и благодарение на посветеноста на царинските администрации ширум регионот, успешно ги трансформиравме Зелените коридори, од итен пандемиски инструмент во успешна, трајна рамка на коридори базирана на податоци, која го поврзува ЦЕФТА со единствениот пазар на ЕУ. Со забрзување на дигиталната трансформација, интероперабилноста и автоматизираната размена на податоци, градиме сигурен екосистем на доверба кој им помага на нашите усогласени економски оператори да напредуваат, додека истовремено постепено ги усогласуваме нашите царински администрации со строгите европски стандарди.”

Г-дин Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, со чие излагање заврши воведната сесија, додаде:

„Кога за прв пат се појавија Зелените коридори за време на Ковид-19, синџирите на снабдување беа под огромен притисок, границите станаа тесни грла, а неизвесноста ги засегаше сите. Сепак, она што се случи потоа беше навистина забележително. Царинските администрации тесно соработуваа, транспортните органи ги координираа напорите, информациите беа споделувани и постепено се градеше доверба. Денес, Зелените коридори претставуваат еден од најопипливите примери на практична регионална соработка во Југоисточна Европа.”

 

Конференцијата во Атина ја потврди заедничката определба на страните на ЦЕФТА, државите-членки на ЕУ, Европската комисија и регионалните партнери за зајакнување на царинската соработка како клучен елемент на процесот на проширување на ЕУ и постепената интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Учесниците ја истакнаа важноста на интероперабилноста, размената на податоци во реално време, координираното управување со ризици, партнерствата со доверливи трговци и поблиското усогласување со царинските стандарди на ЕУ  со цел да се обезбедат безбедни, отпорни и предвидливи трговски текови. Конференцијата, исто така, потврди силна поддршка за понатамошна примена на Зелените и Сините коридори, поддржани преку SEED+, како практични инструменти за зајакнување на поврзаноста, намалување на бариерите и унапредување на оперативната соработка меѓу Западниот Балкан и ЕУ.