Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

АСОМ од пред Собранието: Повлечете го законот и отворете дијалог

„Кажете НЕ на овој деструктивен Предлог-закон за игрите на среќа и за забавните игри! Отфрлете го ова решение кое ќе значи крај за легалната индустрија и кое ширум ќе ја отвори вратата за сивата економија и криминалот“, порача претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, на денешната прес-конференција што АСОМ и АПИС заедно со вработените во секторот ја одржаа во паркот „Жена Борец“ по повод ставањето на Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри на дневен ред на 104-тата собраниска седница.

Претставниците на секторот и вработените денеска упатија силен и недвосмислен апел до пратениците целосно да го отфрлат ова законско решение и да отворат вистински дијалог со засегнатите страни, оценувајќи дека предложените измени се деструктивни, монополски и штетни како за буџетот, така и за егзистенцијата на илјадници семејства.

Пред присутните медиуми и собраните граѓани Илијевски потенцираше дека овој предлог-закон означува свесна одлука на државата да доведе една целосно легална дејност до банкрот.

Тој исто така потсети дека секторот никогаш не бил против регулација, но институциите досега покажале целосен игнорантски однос за соработка, како за нивните предлози при подготовка на законот по европски стандарди така и за повиците за средби при уредување на дејноста.

Илијевски се наврати и на понудените конкретни решенија базирани на три столба и тоа: Поригорозни казни за непочитување на забраната за влез на малолетници, Либерализација на онлајн пазарот за легалните приредувачи, наместо воведување државен монопол, со што државата би имала апсолутна контрола на приредувачи на игри за среќа и Вложување сопствени ресурси за развој на национални едукативни кампањи во соработка со институциите.

Тој посочи дека со носењето на овој закон, повеќе од 10.000 директно вработени и десетици илјади работници во придружните дејности ќе останат без приход и работа. Заедно со нивните семејства, тоа се преку 35.000 луѓе кои државата свесно ги прави идни кандидати за иселување. Од Асоцијацијата предупредуваат и дека затворањето на легалните објекти нема да ги заштити младите, туку ќе предизвика тежок контра-ефект.

„Сакам јавно да ги прашам пратениците: Дали навистина верувате дека со затворањето на легалните објекти ќе ги заштитите младите? Оваа мерка ќе даде тежок контра-ефект. Со затворањето на легалните објекти, вие директно го отворете простор за нелегалната црна економија. Ја враќате Македонија во деведесетите а оние кои криминално сакаат да заработуваат од оваа дејност веќе тријат раце. Обложувањето нема да исчезне туку ќе се врати по темните подруми“, потенцираше Илијевски од АСОМ.

Илијевски напомена дека тие се првата легална бариера која почитувајќи го законот, врши контрола на лични карти и не дозволува влез на малолетници. Со нивно затворање оценува Илијевски ќе се остави играта на црниот пазар.

„Кога ќе нè затворите нас, ја оставате играта на црниот пазар кој работи само за профит, каде што нема контрола на идентитет и никој не штити малолетници. Дополнително, 350 милиони евра кои годишно легално се слеваат во државниот буџет, ќе бидат префрлени директно на црниот пазар“, изјави денеска Илијевски.

Од собирот вработените како најзасегнати од дејноста испратија јасно предупредување до пратениците, а тоа е дека бараат итно повлекување на штетниот предлог-закон и отворање на вистински дијалог.

„Доколку законот се турка без јавна расправа и се изгласа уште во првото читање, денешниот собир ќе се смета само за прв чекор“, порачаа работниците.

АСОМ и АПИС пак најавија дека ќе ги искористат сите механизми за одбрана на легалниот сектор и најавија масовни протести низ целата земја сè до конечно повлекување на законот од кој зависи егзистенцијата на нивните вработени.

Можеби ќе ве интересира

Силно невреме проследено со град на автопатот Скопје – Тетово, невреме и во други делови на Македонија: Каде е најкритично?

ДЕСК

ТЕЖОК СЛУЧАЈ ВО СКОПСКИ АЕРОДРОМ: Во дом пронајдена почината педесет и деветгодишна жена

ДЕСК

ТРОЈЦА ПРИВЕДЕНИ ВО СКОПЈЕ: Полицијата постапувала на различни локации низ градот

ДЕСК