Каде точно е криминалот во случајот „Мазут“ останува нејасно, оценуваат дел од правните експерти. Таков став изнесе и професорот Гордан Калајџиев во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, каде нагласи дека во јавноста не биле презентирани докази за случајот. Истовремено, според него, речиси никој не зборува за одговорноста за последиците што ги претрпеле осомничените, кои една година биле под различни мерки, а нивниот углед бил доведен во прашање.
• „Од она што е достапно во јавноста не може да се види каде е направен криминал и корупција, а тоа го покажа и одлуката на Обвинителството. Имаме ситуација каде што Обвинителството ставило луѓе во притвор, ги држело под мерки цела година, имало мерки и за фирмите, претпоставувам, а никој не прашува кој ќе одговара за тоа што биле малтретирани и што им било нарушено доброто име. Наместо тоа, сите го обвинуваат јавниот обвинител затоа што е запрена истрагата. Од каде право на тие што коментираат да го тврдат тоа?“ – вели Калајџиев.
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески оцени дека од професионален аспект е далеку подобро постапката да се затвори навреме поради недостиг на докази, отколку да се форсира обвинение кое подоцна би резултирало со ослободителна пресуда.
„Подобро е истрагата да се запре отколку да се поднесе обвинение што подоцна би завршило со ослободителни пресуди“, дециден е Савески.
Официјалните извештаи на ТЕЦ Неготино покажуваат дека во периодот што беше предмет на истрагата редовно се вршеле мерења и контроли на квалитетот на воздухот. Иако во јавноста се пласираа тврдења за „труење“ и „загадување“, според извештаите не било регистрирано загадување што потекнувало од ТЕЦ Неготино.
Во јавноста се отвори и дилемата дали увезениот мазут содржел штетни хемиски материи. Според ОЈО ГОКК, освен што не било утврдено дека осомничените ги сториле делата што им се ставале на товар, не било констатирано ниту друго кривично дело што би се гонело по службена должност.
Се поставува и дополнително прашање. Доколку загадувањето во Неготино било резултат на употребата на мазут, тогаш како може Скопје да биде меѓу најзагадените градови во светот кога таму не се користи мазут?
Според правилата што произлегуваат од лиценците за трговија со нафтени деривати, Регулаторната комисија за енергетика врши месечни контроли за набавките и продажбите на компаниите кои поседуваат лиценци. Податоците покажуваат дека Скопје никогаш не било загадено поради мазут, бидејќи главната когенеративна централа ТЕ-ТО функционира на природен гас. Сепак, и покрај тоа, главниот град редовно е рангиран меѓу петте најзагадени градови во светот, особено во текот на зимата.
Според голем број анализи и истражувања, најголем дел од загадувањето произлегува од дивите депонии и неправилното управување со отпадот. Дури и дел од депониите кои функционираат законски не се третираат според современите стандарди што се применуваат во други земји. Дивите депонии често се палат, превентивните активности се недоволни, а изостануваат и инвестиции во постројки за преработка на отпад по принципот „waste to energy“, какви што функционираат во повеќето европски метрополи.
Воедно, мазутот не е гориво што се користи само во Македонија. Тој се употребува и во Германија, Франција, Швајцарија и други развиени европски држави кои имаат високи стандарди во областа на заштитата на животната средина.
Според извештаите на ЕСМ за периодот од 2021 до 2023 година, кој е опфатен со истрагата, ТЕЦ Неготино беше повторно ставена во функција по повеќегодишен застој за време на енергетската криза. Централата оствари значителна добивка, а во 2022 година беше забележан рекорден профит од околу 2,25 милијарди денари или приближно 36,5 милиони евра. Причина за тоа беше зголеменото производство на електрична енергија за регулираниот пазар.
Анализите на професори од ФЕИТ покажуваат дека увозот на електрична енергија во периодот што е предмет на истрагата би чинел околу 880 милиони евра, додека набавката на мазутот изнесувала 167 милиони евра.
На крајот останува прашањето што го постави професорот Калајџиев – кој ќе ја надомести штетата по угледот на осомничените и времето што тие го поминале во ефективен или куќен притвор?
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


