Кина ги повика САД и Иран да го почитуваат прекинот на огнот и да избегнат нова ескалација на конфликтот на Блискиот Исток по последните меѓусебни напади.
„Кина е длабоко загрижена за моменталната ситуација“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прес-конференција во Пекинг.
Изјавата на Пекинг дојде откако САД објавија дека извршиле напади врз иранскиот остров Кешм како одговор на она што го нарекоа обиди за ирански напад низ Блискиот Исток.
Вашингтон, исто така, објави дека американските сили заедно со нивните сојузници пресретнале неколку ирански ракети и беспилотни летала.
Кувајтските власти, исто така, објавија дека нивните системи за воздушна одбрана одговориле на она што го нарекоа „непријателски“ напади со ракети и беспилотни летала преку ноќ.
Мао Нинг предупреди дека новата воена ескалација никому не му користи.
„Нова војна не е во ничиј интерес“, рече таа.
Таа ги повика сите вклучени страни да ја искористат можноста за мир и да продолжат со дипломатските напори.
„Се надеваме дека релевантните страни ќе можат да ја ценат можноста за мир, да ги почитуваат обврските за прекин на огнот и да го одржат моментумот на преговорите, да се придржуваат до политичките и дипломатските решенија и да постигнат сеопфатен и траен прекин на огнот што е можно поскоро за да се создадат услови за враќање на мирот и стабилноста на Блискиот Исток“, рече кинеската функционерка.
САД и Иран повторно разменија воздушни напади во последните денови и покрај прекинот на огнот што е во сила од 8 април.
Прекинот на огнот беше воспоставен по војната што започна на 28 февруари, кога САД и Израел започнаа напади врз Иран./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


