Centar.mk
КУЛТУРА

Од Шуто Оризари до Менхетен – само филм може да ве вивне толку брзо, толку далеку

Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, својот пат го започнува громогласно од срцето на Менхетен – на Tribeca Festival кој ќе се одржи од 3 до 14 јуни.

Tribeca Festival важи за еден од најзначајните филмски фестивали во САД, каде еден од основачите е Роберт Де Ниро. Истиот настана како културен одговор на нападите од 11 септември. Препознатлив е по современиот независен филм, нови авторски гласови и силна врска со њујоршката филмска индустрија.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, е селектиран во категоријата International Narrative Competition, која е главна меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот и го позиционира филмот пред њујоршката публика, меѓународната филмска јавност и индустрискиот круг на селектори.

Зад приказната за Адела, главната хероина во филмот, стои слика што Дума ја забележала во Скопје: девојче со скејтборд, облечено во традиционални шалвари, момент во кој се судираат детската слобода и наследените правила. Филмот не ја користи приказната за Адела како симбол, туку отвора жив, комплексен свет. Изграден одблизу, преку работа со заедницата во Шуто Оризари, реални локации и непрофесионални актери, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ избегнува поглед од дистанца и готови стереотипи. Наместо да ги сведува девојчињата на жртви, филмот ги следи како силни, ранливи и комплексни личности кои, и во ограничувачки околности, бараат начин да одлучуваат за себе.

Ова е втор игран филм на Дина Дума која со својот прв филм, “Сестри” имаше извонреден успех бидејќи беше избран од страна на најголемата платформа за филмови Нетфликс. „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.

Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Еуримаж“, Creative Europe MEDIA и национални и регионални фондови од земјите копродуценти.

Можеби ќе ве интересира

Свечено доделување на наградата „Оливера Николова“ за 2026 и промоција на победничкиот роман од Ванчо Полазаревски

ДЕСК

Спектакуларно затворање на 54.„Мајски оперски вечери“ со Вердиевото ремек-дело „Набуко“ на 31 мај 2026

ДЕСК

ЕКСКЛУЗИВНО: „Танец“ и „Ладо“ со заеднички концерти под отворено небо во Битола и Скопје

ДЕСК