Во Собранието, денеска, се одржа панел-дискусија на тема „Улогата на демократските институции во културниот дијалог: Од претставување до кохезија“ – сесија 2 во рамки на Четвртиот форум за културна дипломатија.
Свое воведно обраќање на настанот имаа претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и поранешниот претседател на државата, проф. д-р Ѓорге Иванов.
На панел-дискусијата свои обраќања имаа: Јован Суботиќ, пратеник во Собранието на Црна Гора; Андреја Рихтер, поранешна министерка за култура на Словенија и директорка на Форумот на словенски култури; Давор Филиповиќ, поранешен министер за економија и одржлив развој на Хрватска; Каталин Анамарија Боѓај, претседателка на Националната комисија на УНЕСКО на Унгарија и претседателка на 36. Генерална конференција на УНЕСКО; Хедва Сер, амбасадорка на добра волја на УНЕСКО за културна дипломатија; Станко Благојевиќ, вршител на должност помошник-министер за меѓународни односи и европска интеграција на Република Србија во областа на културата; Велика Стојковска-Серафимовска, пратеничка и членка на Комисијата за култура и туризам; како и Бејџан Иљас, пратеник и член на Комисијата за култура и туризам.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање ги поздрави присутните и истакна дека нашата држава има седум културни центри низ светот, нагласувајќи дека културата нема граници. Тој посочи дека Евровизија и студентските размени претставуваат еклатантен пример за заедничка меѓународна култура и поврзување меѓу народите.
Иванов се заблагодари за организацијата на настанот и истакна дека е од исклучителна важност соработката на законодавниот дом со сите релевантни домашни и меѓународни партнери и пријатели на државата.
Јован Суботиќ говореше за искуствата на Црна Гора низ демократските процеси, нагласувајќи дека културата е еден од најзначајните ресурси што државата може да ѝ ги понуди на Европската Унија. Тој потенцираше дека во Црна Гора културата е високо ценета, особено имајќи предвид дека станува збор за мултиетничко општество кое заеднички работи кон иста цел.
Рихтер истакна дека културата не е само поим, туку темел на демократијата во секоја држава. Осврнувајќи се на искуството на Словенија, таа посочи дека преминот од централизација кон децентрализација, како и зголемената автономија на уметниците и граѓанскиот сектор, придонеле за успешниот европски пат на државата.
Филиповиќ нагласи дека потпишувањето на Договорот за пријателство меѓу македонскиот и хрватскиот премиер во Охрид претставува силна порака за поддршката што Хрватска ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции. Тој се осврна и на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција, посочувајќи дека според последните истражувања во Хрватска, околу 1.500 работни места би можеле да бидат заменети со вештачка интелигенција. Сепак, како што нагласи, она што технологијата не може да го замени се културниот дијалог и општествената кохезија.
Боѓај посочи дека во услови на поларизација културата претставува клучен ресурс за надминување на општествените поделби. Според неа, културата е присутна во секоја пора на општеството и претставува неизоставен дел од секој општествен процес.
Сер истакна дека нашата држава претставува пример за градење мостови преку културните различности. Таа нагласи дека културата мора да добие свое значајно место во меѓународниот дијалог, додавајќи дека почитувањето на секоја култура придонесува за поправеден и похуман свет.
Благојевиќ говореше за концептот на „мека“ и „тврда“ моќ. Според него, меката моќ се темели на почитта кон личноста и делото, додека тврдата моќ произлегува од чувство на притисок. Тој нагласи дека суверенитетот му припаѓа на народот и дека претставувањето на значењето на културата е заедничка одговорност.
Стојкова-Серафимовска истакна дека културата е длабоко вкоренета во секој човек преку традицијата, која претставува темел на културниот идентитет. Таа нагласи дека живееме во држава која што е богата со културни различности и дека во изминатите години се покажува високо ниво на почитување и на сопствената и на другите култури и обичаи.
Иљас посочи дека во државата живеат различни народи со заедничка иднина, при што улогата на државата е да се грижи за културата и културното наследство. Тој истакна дека токму културата има клучна улога во справувањето со глобализациските предизвици.
На крајот од настанот, претседателот Гаши им се заблагодари на сите учесници за нивните излагања и мислења, истакнувајќи дека Собранието и во иднина ќе продолжи да поддржува вакви иницијативи и настани.
фото Собрание
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


