Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Битиќи: 11 милијарди евра нов долг, ја туркате државата во провалија со задолжувањето

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи упати две прашања до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која и на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања не беше присутна да одговори на растечкото државно задолжување, динамиката на јавниот долг и најавите за нови кредитни аранжмани во услови кога долгот веќе се приближува до ниво од околу 11 милијарди евра.

Битиќи потенцираше дека има дополнителни најави за нови задолжувања и неплатени обврски кон стопанството и предупреди дека ваквата фискална траекторија, заедно со дефицит кој веќе го надминува законски утврдениот праг и достигнува околу 3,5% од БДП, како и висока реализација на дефицитот уште во првите месеци од годината, укажува на сериозни ризици за одржливоста на јавните финансии и на отсуство на јасна стратегија за стабилизирање на долгот.

Во продолжение интегрален текст од прашањата на Битиќи:

Сакам да ве потсетам дека присуството на министерот за финансии пред пратениците не е прашање на добра лична волја, туку основна демократска должност. Во изминатите денови расправавме за задолжување од 260 милиони евра и за Фискална стратегија 2027–2031, документи што ја определуваат фискалната иднина на државата, а јавноста добиваше објаснувања преку ваши Фејсбук статуси, наместо преку директна институционална одговорност овде, во Собранието.

Сакам да дадам и една вредносно-политичка оценка, на која, за жал, Владата не е сензибилизирана. Секое едно задолжување е обврска преземена во име на граѓаните, товар врз идните буџети и тест за тоа дали власта ја разбира демократијата како отчетност И кога Владата носи одлуки за стотици милиони евра, а Собранието го третира како последна станица на веќе донесени одлуки, тогаш проблемот не е само финансиски, туку и демократски.

Почитувана министерке, очекувам денес да добијам одговор од ваша страна, со кој граѓаните ќе може да ја погледнат вистината за должничката архитектура што ја гради Владата. Во таа архитектура вашата партија успеа да вгради нови 260 милиони евра. Но вашите амбиции за нови задолжувања, за жал, не завршуваат овде.

Не кажавте овде во Собранието, но на Фејсбук напишавте дека оваа година за отплата е еврообврзница од 700 милиони евра, дека половина од оваа обврска веќе е платена, а остатокот ќе биде сервисиран во јуни 2026 година.  Без притоа да откриете, или пак подготвувате нов статус на Фејсбук, за тоа дали Владата во јуни подготвува ново задолжување од околу 350 милиони евра за остатокот од еврообврзницата и на кој начин планира да го обезбеди тој износ.

Ова најавено задолжување од ваша страна треба да се гледа во целокупниот контекст на долгот. Во декември 2023 година јавниот долг беше околу 8,5 милијарди евра. Денес, според бројките што ги дискутиравме во Собранието, долгот се движи околу 10,8 милијарди евра без новиот заем. Со заемот од 260 милиони евра, тој се приближува до 11,1 милијарди евра. Ако на тоа се додаде можната нова должничка епизода од околу 350 милиони евра во јуни, јавниот долг би се движел кон 11,4 милијарди евра. Но тука не завршува. Има информации дека Јавното претпријатие за државни патишта преговара за нови околу 300 милиони евра, паралелно се споменуваат разговори за уште една милијарда евра задолжување со „земја членка на НАТО“, а доспеаните, а неплатени обврски се движат околу 700 милиони евра кон стопанството. Дел од овие обврски можеби формално не се евидентираат како јавен долг според истата методологија, но економски тие се реален товар врз ликвидноста на компаниите, институциите и граѓаните.

Затоа пресметката што ја ставам пред јавноста и вас е следна: 10,8 милијарди евра постоечки јавен долг, плус 260 милиони евра нов заем, плус можни 350 милиони евра во јуни, плус евентуални 300 милиони евра преку ЈП за државни патишта, плус една милијарда евра преку преговори со „земја членка на НАТО“, плус околу 700 милиони евра доспеани неплатени обврски кон стопанството. Тоа е потенцијален јавен  и неплатен финансиски товар од околу 13,4 милијарди евра.

Моето прашање е дали ја потврдувате или ја демантирате оваа пресметка? Кои од овие задолжувања се во подготовка?

Граѓаните имаат право да знаат дали Северна Македонија е длабоко навлезена во должничка спирала или Владата конечно има план што не се сведува на нов заем за стар проблем.

Второто прашање исто така ми е до министерката Димитриеска-Кочоска, и се однесува на дефицитот, кој ја открива вистинската состојба на јавните финансии. Јавниот долг е последицата, каматите се цената, но дефицитот е симптом што покажува дека Буџетот троши побрзо отколку што собира. А кога тој симптом се повторува од месец во месец, тогаш може да зборуваме само за веќе воспоставен начин на управување со парите на граѓаните.

Ќе потсетам, бидејќи се заборава, Законот за буџети поставува цврсто фискално правило: дефицитот на општата влада не треба да надмине 3% од БДП. Тоа правило е заштитен механизам против политичка самоволност во трошењето јавните пари. Но Буџетот за 2026 година веќе е планиран со дефицит од 3,5% од БДП. Значи, уште на стартот од годинава, Владата не се придржуваше кон ова фискалното правило, кон него се однесуваше и се однесува  како препорака што може да се заобиколи кога политички ќе стане неудобна.

Проблемот е уште посериозен затоа што Фискалната стратегија 2027–2031 не ја коригира таа патека, туку ја претвора во среднорочна рамка и го нормализира дефицитот како трајна буџетска состојба.

Да ги погледнеме најновите бројки, затоа што тие се најдобриот одговор на политичките уверувања со кои се трошат парите на граѓаните. Според Фискалниот бројач на Министерството за финансии, на 26 мај 2026 година приходите изнесуваат 138,538 милијарди денари, односно 36,95% од планот, додека расходите изнесуваат 167,136 милијарди денари, односно 40,35% од планот. Капиталните расходи се 15,285 милијарди денари, односно 38,1% реализација.

Ова значи дека разликата меѓу приходите и расходите веќе изнесува 28,598 милијарди денари. Ако годишно планираниот дефицит е 39,2 милијарди денари, тогаш до 26 мај се реализирани околу 73% од планираниот годишен дефицит. До крајот на мај, Буџетот веќе потрошил речиси три четвртини од просторот за дефицит што беше планиран за целата година.

Дополнително, капиталните расходи не можат целосно да бидат алиби за овој дефицит. До 26 мај капиталните расходи се 15,285 милијарди денари, а дефицитот е 28,598 милијарди денари. Тоа значи дека веќе создадениот дефицит е за околу 13,3 милијарди денари поголем од реализираните капитални расходи. Ако Владата тврди дека дефицитот е развоен, тогаш мора да објасни зошто фискалната дупка расте многу побрзо од мерливата капитална реализација.

Дури и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, човек од истата економско-политичка провиниенција како и вас, во интервју отвори можност дефицитот да оди до 6%. Кога и од таа позиција се појавува предупредување за поголем дефицит, тогаш Владата тешко може да ја продава приказната дека фискалната состојба е стабилна и под контрола.

Затоа прашувам дали Владата планира ребаланс на Буџетот со зголемување на дефицитот? Дали ќе го пробиете веќе планираниот дефицит од 39,2 милијарди денари? Дали сценариото за дефицит до 6% е веќе разгледувано во Министерството за финансии?

 

Можеби ќе ве интересира

Благ раст на довербата во институциите и задоволството од работата на Собранието

ДЕСК

Јанчев: Дали планирате да воведете институција „родител-негувател“ за децата со попреченост?

ДЕСК

Мицкоски: И во јунскиот извештај ќе бидеме пред фронтранерите за реформската агенда, а како влада нема да дозволиме дополнителни буџети за правосудството со резултати кои не враќаат назад

ДЕСК