Во издание на Институтот за јавни политики – Скопје, излезе од печат книгата „Dvadeset godina u Ujedinjenim nacijama: Put Crne Gore kroz opštu debatu Generalne skupštine“, од авторот доц. д-р Неџад Мехмедовиќ.
Книгата е објавена по повод одбележувањето на дваесетгодишнината од независноста на Црна Гора и содржи официјални обраќања на црногорските државни претставници на општата дебата на Генералното собрание на Обединетите нации во периодот 2006–2026 година.
Преку говорите одржани пред Генералното собрание на Обединетите нации, книгата нуди увид во меѓународното позиционирање, надворешнополитичките приоритети и дипломатскиот развој на државата во текот на првите две децении од независноста.
„Дваесет години по обновувањето на независноста, Црна Гора се афирмираше како стабилна и меѓународно препознаена држава, но и како најнапреден кандидат за членство во Европската Унија. Токму затоа, говорите на црногорските претставници во Обединетите нации претставуваат значајно сведоштво за политичкиот и дипломатскиот развој на современа Црна Гора. Воедно, искуствата на Црна Гора од евроинтегративниот процес и нејзината поддршка на европската перспектива на регионот можат да претставуваат значаен поттик и за Република Северна Македонија во процесот на европска интеграција“, истакнува авторот.
Црна Гора прогласи независност на референдумот одржан на 21 мај 2006 година. Резолуцијата за прием на Црна Гора во Обединетите нации ја донесе Советот за безбедност на седницата одржана на 22 јуни 2006 година. Генералното собрание на Обединетите нации на седницата одржана на 28 јуни 2006 година одлучи да го одобри приемот на земјата во Обединетите нации со што Црна Гора стана 192 членка на ООН.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


