Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Бизнис форум во Стокхолм: Потврден силниот потенцијал за унапредување на македонско-шведската економска соработка

Денеска во Стокхолм, Кралството Шведска, се одржа бизнис форум во организација на Шведско-македонска стопанска комора и Македонија 2025, со поддршка на владите на двете држави, посветен на унапредување на економската соработка, трговската размена и инвестициските можности меѓу Република Северна Македонија и Кралство Шведска.

На Форумот поздравно обраќање имаше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој истакна дека и покрај географската оддалеченост, двете земји развиваат стабилна и динамична соработка на повеќе полиња, базирана на заеднички вредности, комплементарни економски структури и силно партнерство.

Во своето обраќање, Димитровски посочи дека Шведска претставува еден од најзначајните партнери и донатори за Република Северна Македонија во процесот на европска интеграција, особено преку поддршката од Шведската агенција за меѓународен развој – СИДА, која континуирано придонесува кон реформските политики во областа на одржливиот развој, животната средина, економската отпорност и инклузивниот економски раст.

Тој нагласи дека трговската размена меѓу двете земји бележи континуиран раст, при што во последните пет години расте со просечна годишна стапка од над 16 проценти. Притоа, беше истакнато дека постои значителен неискористен потенцијал за продлабочување на економската соработка, особено во ИКТ секторот, зелените технологии, производството, иновациите и здравствените услуги.

Во рамки на Форумот се обрати и државната секретарка во Кабинетот на премиерот на Кралство Шведска, Ана Далберг, која ја нагласи важноста на партнерството со нашата држава и поддршката за нејзиниот европски пат и економски развој.

На маргините на Форумот, заменик министерот Димитровски оствари билатерална средба со државната секретарка Далберг, на која беа разгледани билатералната соработка, поддршката за европската интеграција, економските можности, како и актуелните безбедносни и политички предизвици во регионот и Европа.

Во разговорите беше констатирано дека отворањето на Шведско-македонска стопанска комора, претставува ново поглавје во економските односи меѓу двете земји и важен чекор кон создавање долгорочни трговски и инвестициски партнерства.

Беше потенцирано и дека повеќе од четириесет шведски компании веќе активно работат на македонскиот пазар, во области како автоиндустријата, телекомуникациите, медицинската опрема, текстилот, козметиката и трговијата, додека повеќе од педесет компании во Шведска се основани или управувани од македонски државјани, што дополнително ја потврдува силната економска поврзаност и потенцијалот за натамошен развој на соработката.

Форумот претставуваше значајна можност за поврзување на институциите и бизнис-заедниците од двете земји, како и за поттикнување нови партнерства, инвестиции и економски иницијативи.

Можеби ќе ве интересира

Понеделник е неработен ден

ДЕСК

ЗНМ: Без стабилно финансирање нема суштински реформи во МРТ

ДЕСК

Филипче: Мицкоски да не го користи нон-пејперот на Мерц како алиби за неисплнување на реформите

ДЕСК