На 19 мај 2026 година, М6 Едукативен центар свечено го отвори својот нов регионален центар во Кавадарци кој претставува современ простор за учење, професионален развој, вмрежување и соработка помеѓу бизнис-заедницата, образовните институции и младите од Вардарскиот и Пелагонискиот регион.
На свеченото отворање присуствуваа претставници од институциите, дипломатскиот кор, меѓународни организации, компании, образовни институции и партнери на центарот.
Новите простории во Кавадарци се замислени како регионален едукативен и развоен хаб, наменет за реализација на професионални обуки, лидерски програми, настани, вмрежување и иницијативи што ќе придонесат за развој на вештините, иновациите и претприемачката култура во Вардарскиот и Пелагонискиот регион.
Настанот беше отворен со обраќање на Светозар Јаневски, основач на М6 Групацијата, кој ја истакна важноста на инвестициите во знаење, човечки капитал и современи образовни платформи како двигател на долгорочниот економски и општествен развој.
Извршната директорка на М6 Едукативен центар, Елена Младеновска Јеленковиќ, зборуваше за потребата од нови модели на учење и создавање современи центри кои ќе придонесат за развој на човечкиот потенцијал и подготовка за иднината т.е. визијата на М6 — да создава екосистем што ги поврзува образованието, компаниите и институциите со цел позитивна трансформација на општеството.Во своето обраќање, таа истакна:
„Денес живееме во време во кое светот не се менува постепено — туку брзо и длабоко. Се менува начинот на кој работиме, учиме, создаваме вредност и го разбираме успехот. Токму затоа ваквите места како што е М6 во Кавадарци стануваат важни — не како училници и инфраструктура, туку како силна заложба и инвестиција во луѓето, во нивниот потенцијал и во нивната иднина. Тоа е место каде што луѓето ќе учат како да размислуваат поинаку, како да создаваат, да соработуваат и да препознаваат нови можности. Mесто каде што потенцијалот на луѓето од регионот и државата ќе се препознае, мотивира и вистински ќе се развива и искористи.“
Свое обраќање имаше и заменик-амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Michal Harari, која ја нагласи важноста на партнерствата помеѓу приватниот сектор и образованието, како и инвестициите во човечкиот капитал. Во своето обраќање, таа нагласи:
„Нѐ радува што приватниот сектор сѐ повеќе е подготвен да инвестира во развојот на работната сила. Ова претставува значајна промена затоа што младите добиваат можност да ги стекнат вештините што ѝ се потребни на економијата и полесно да пристапат до вработување, додека компаниите добиваат поконкурентна и поквалификувана работна сила. Новиот М6 Едукативен центар во Кавадарци ги доближува овие можности до младите и компаниите од Кавадарци и соседните општини.“
На настанот се обрати и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој истакна дека отворањето на центарот претставува значаен придонес за локалниот и регионалниот развој, создавањето нови можности за младите и зајакнувањето на соработката помеѓу институциите, образованието и бизнис-заедницата.
По официјалниот дел следеше свечено пресекување на лентата, по што гостите имаа можност да ги посетат новите најсовремени простории каде посебно внимание привлече опремата за обуки за зелени вештини и циркуларна економија.
Со отворањето на регионалниот центар во Кавадарци, М6 Едукативен центар дополнително ја зацврстува својата улога како платформа за знаење, развој и соработка, насочена кон создавање современи образовни можности, развој на човечкиот капитал и поддршка на локалниот и националниот економски развој.
Центарот е отворен во рамки на иницијативата „Ангажирање на приватниот сектор“, како резултат на партнерството помеѓу М6 Едукативен центар, 30 македонски компании и проектот „Образование за вработување (E4E)“, имплементиран од Helvetas North Macedonia, со поддршка од Embassy of Switzerland in North Macedonia.
фото М6


