Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, се сретна со хрватскиот експерт Владимир Дробњак, кој беше главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со Европската Унија. На средбата беа разменети мислења и искуства во однос на евроинтегративните процеси, предизвиците со кои се соочуваат земјите кандидати и перспективите за понатамошното проширување на Унијата.
Во разговорот, Филипче се осврна на актуелната политичка состојба во државата, како и на стратешката определба на Република Северна Македонија за полноправно членство во Европската Унија. Тој ја истакна потребата од забрзување на евроинтегративниот процес, нагласувајќи дека реформите и добрососедските односи остануваат клучни предуслови за напредок на земјата на европскиот пат.
Посебен акцент во разговорот беше ставен и на отворените прашања со соседна Бугарија, при што беше нагласена важноста од продолжување на дијалогот и изнаоѓање решенија кои ќе придонесат за деблокада на процесот и одржување на европската перспектива на државата.
Соговорниците разговараа и за политиката на проширување на Европската Унија, не само кон регионот на Западен Балкан, туку и пошироко, во контекст на актуелните геополитички предизвици и потребата од зајакнување на европската стабилност и безбедност. Дробњак ги сподели искуствата на Хрватска од преговарачкиот процес, посочувајќи дека политичката посветеност, институционалните реформи и јасната европска визија се од суштинско значење за успешно завршување на пристапните преговори, а ја нагласи и хрватската поддршка за нашата земја на патот кон Европската Унија.
фото Собрание


