Крузерот MV Hondius, погоден од хантавирус, треба да пристигне денеска во Ротердам за дезинфекција, а холандските власти подготвуваат карантински аранжмани за 25-те членови на екипажот и две лица- медицински персонал кои остануваат на бродот.
Локалните власти соопштија дека се поставени карантински објекти за дел од екипажот кој не е холандски, иако сè уште не е јасно дали ќе останат таму во текот на целиот препорачан 42-дневен карантински период.
Луксузниот крузер со холандско знаме превезувал 150 патници и членови на екипажот од 23 земји кога на 2 мај во Светската здравствена организација (СЗО) првпат беше пријавен кластер на тешки респираторни заболувања меѓу патниците.
Три лица, холандски пар и германски државјанин, починаа од почетокот на епидемијата. Бродот, управуван од „Оушнвајд експедишншнс“, беше заглавен кај Капо Верде, неговата планирана крајна дестинација, претходно овој месец откако властите им забранија на патниците да се истоварат поради епидемијата.
СЗО и ЕУ побараа од Шпанија да ја управува евакуацијата на Канарските Острови, по што бродот се упати кон Ротердам со својот основен екипаж и две медицински лица.
Хантавирусот првенствено се шири преку глодари, но може да се пренесе на луѓе во ретки случаи и по продолжен, близок контакт.
Периодот на инкубација може да трае околу шест недели. Екипажот и патниците кои веќе го напуштиле бродот и луѓето кои стапиле во контакт со нив се ставени во карантин во неколку земји низ целиот свет. Во петокот, СЗО го намали бројот на случаи од 11 на 10, откако еден случај во Соединетите Држави беше негативен на тестот.
До 15 мај, СЗО пријави 10 случаи, осум потврдени и два веројатни, вклучувајќи три смртни случаи. Владата на Британска Колумбија објави во саботата дека еден Канаѓанец, патник на „Хондиус“, исто така бил позитивен на тестот за хантавирус.
СЗО вчера соопшти дека чека официјални информации, но дека со тоа вкупниот број ќе достигне 11 случаи.
Порано овој месец, СЗО соопшти дека се очекуваат повеќе случаи од епидемијата, но нагласи дека ситуацијата не е слична на Ковид и не претставува пандемија./Извор:Makfax


