Странската комисија која анализираше 13 случаи во врска со скандалот со непотребни операции на срце во државните и приватните болници во Македонија, утврди дека кај деветмина постојат сомнителни наоди, додека кај четири пациенти констатира дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен.
„Од анализираните 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четири пациенти констатираше дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со стандарди на клиничка пракса, додека кај девет случаи документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација“, соопшти министерот за здравство, Азир Алиу.
Комисијата оценила дека кај овие девет случаи, одредени аспекти од третманот биле под очекуваните стандарди и можеби неповолно влијаеле врз клиничкиот исход.
Пациентите кои биле предмет на анализа се на возраст од 45 до 78 години, а станува збор за операции извршени и во приватни и во државни болници.
Алиу најави дека извештајот ќе биде доставен до Владата, како и до Јавното обвинителство и другите надлежни институции.
Тој истакна дека овие наоди се сериозни, но не смеат да служат за генерализирање и да се користат за нарушување на угледот за целата лекарска професија.
Комисијата беше формирана по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба./Извор:Makfax


