Centar.mk
СВЕТ

Британски воени лекари со падобрани стигнаа на изолиран остров поради сомнеж за хантавирус

Британски воени лекари со падобрани се спуштија на островот Тристан да Куња за да му помогнат на британски државјанин кај кого постои сомнеж за инфекција со Хантавирус. Мажот живее на овој оддалечен британски остров и во средината на април се симнал од крузерот МВ Хондиус, на кој претходно избувна смртоносна епидемија на вирусот. Според Би-Би-Си, првите симптоми ги пријавил две недели по напуштањето на бродот, а моментално е во стабилна состојба и во изолација.

Прва ваква операција на британската армија

Тим составен од шест падобранци и двајца медицински експерти од 16. воздушно-десантна бригада бил спуштен со падобрани на архипелагот во јужниот Атлантик. Тие полетале со воен транспортен авион Ербас А400М од базата Брајз Нортон. Според британското Министерство за одбрана, ова е првпат британската армија со падобрански десант да испрати медицински персонал за хуманитарна помош.

Тешки услови на островот

Тристан да Куња има само 221 жител, нема аеродром и е достапен исклучиво по морски пат. Силните ветрови и изолираната локација ја направиле операцијата исклучително сложена. Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер изјави дека операцијата ја покажува посветеноста на Велика Британија кон своите граѓани и преку морски територии.

Патниците ќе бидат ставени во изолација

Двајца британски државјани со потврдена инфекција моментално се лекуваат во Холандија и Јужноафриканска Република.

Преостанатите 22 британски патници од крузерот треба да бидат префрлени од Тенерифе со чартер-лет и сместени во болницата Арoу Парк во Велика Британија, каде што ќе поминат 45 дена во изолација и медицински надзор.

Британските здравствени власти соопштија дека ризикот за пошироката јавност и натаму се смета за многу низок.

Три жртви и шест потврдени случаи

Речиси еден месец по првиот смртен случај на крузерот, бродот пристигна на Тенерифе, каде што се подготвува евакуација и репатријација на повеќе од 100 патници.

Во епидемијата досега починале три лица, а кај две од нив бил потврден хантавирус.

Светска здравствена организација соопшти дека досега се потврдени шест случаи на зараза, додека уште два се водат како сомнителни, меѓу кои и британскиот државјанин на Тристан да Куња./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Независни руски медиуми: Во војната во Украина загинале околу 352.000 руски војници

C +

Иран подготвува нов закон за премин низ Ормутскиот теснец

C +

Почна евакуацијата на патниците од крузерот под строги безбедносни мерки по епидемијата на хантавирус

C +