Руските даночни приходи од екстракција на природни ресурси се зголемија повеќе од двојно во април, делумно поради порастот на цените на енергијата на светските пазари предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток, објави руското Министерство за финансии.
Минатиот месец, даноците за екстракција на природни ресурси донесоа 917 милијарди рубли (12,2 милијарди американски долари) во руската државна каса, покажаа официјалните податоци. Во март, овие приходи изнесуваа 443 милијарди рубли. Најголемиот дел од приходите во април, еквивалентно на околу 10 милијарди долари, дојдоа од оданочувањето на нафтата.
Април беше првиот месец во кој порастот на глобалните цени предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток беше целосно одразен во приходите на рускиот буџет. Москва, сојузник на Техеран, не интервенираше директно воено во американско-израелскиот конфликт со Иран, но кризата на Блискиот Исток ѝ донесе значителни придобивки.
Голем дел од оваа неочекувана заработка сè уште не е депонирана во државната каса. Владата врати околу половина од своите приходи од нафта на домашните нафтени компании, обидувајќи се да го ограничи порастот на цените на бензинот и дизелот на домашните бензински пумпи и да ја поддржи надградбата и поправката на рафинериите.
Нафтениот сектор останува клучен извор на финансирање за војната на Русија во Украина. Затоа, Киев сè повеќе ги таргетира рафинериите, системите за складирање на нафта и терминалите за извоз во напади со беспилотни летала, обидувајќи се да ги намали овие руски приходи, според ДПА./Извор:Makfax


