Техничката поддршка на проектот „ЕУ за општините“ претстави нов практичен прирачник наменет за општините во Северна Македонија. Публикацијата е насловена „Прирачник за спроведување на кампања за подигнување на јавната свест за данок на имот“ и претставува конкретна алатка за планирање и спроведување на ефективни комуникациски кампањи на локално ниво.
Прирачникот нуди структуриран и практичен пристап за тоа како општините да ги информираат и вклучат граѓаните во процесот на редовно и навремено плаќање на данокот на имот, преку јасни пораки, соодветни комуникациски канали и конкретни активности. Неговата цел е да придонесе кон зголемување на јавната свест, подобрување на транспарентноста и зајакнување на довербата меѓу граѓаните и локалната самоуправа.
Со овој прирачник, Европската Унија преку „ЕУ за општините“ ја надградува поддршката за општините во делот на административните и технички капацитети, како и во областа на стратешката комуникација и директната интеракција со граѓаните, како едни од клучните елементи за поефикасно управување со локалните приходи.
Во својот предговор, Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, истакнува дека општините се местото каде што европските политики се преточуваат во конкретни подобрувања во секојдневниот живот и тоа преку подобри услуги, позелени решенија, посилни локални економии или поинклузивно управување. Тој додава дека во изминатите години, проектот „ЕУ за општините“ покажа дека европската интеграција не е апстрактен процес, туку партнерство изградено на соработка, доверба и конкретни резултати.
Програмскиот менаџер за локална самоуправа и регионален развој во Делегацијата на Европската Унија, Енцо Дамиани, нагласува дека ефикасното управување со локалните јавни финансии е директно поврзано со квалитетот на услугите за граѓаните, при што комуникацијата и информирањето на јавноста играат клучна улога во поттикнувањето на доброволно и навремено плаќање на даноците.
Прирачникот е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамки на Техничката поддршка на „ЕУ за општините“ во Северна Македонија. Се дистрибуира бесплатно и може директно да се преземе на следниот линк: https://eu4m.myshopify.com/products/handbook-on-property-tax-awareness-raising-campaign
Автор на публикацијата е Бардул Марку, главен уредник е Др. Клаус Рихтер, кој е и тим лидер на ТП „ЕУ за општините“, додека виш уредник за стратешки комуникации и ЕУ видливост е Бојан Кордалов.
Овој Прирачник е дел од поширока серија на практични публикации подготвени во рамки на „ЕУ за општините“, кои имаат за цел да обезбедат практична поддршка, пренесување на знаење и практични вештини за локалната администрација во Северна Македонија, како и да придонесат за поефикасно, транспарентно и одговорно управување со јавните ресурси. Со оваа серија на публикации, која е достапна на следниот линк: https://eu4m.myshopify.com/, „ЕУ за општините“ остава конкретна алатка која ќе продолжи да се користи и по завршувањето на проектот, а како поддршка за општините во нивниот европски развој.


