Маж кој отвори оган на улица во Киев, а потоа зеде заложници и се забарикадира во супермаркет, е елиминиран во полициска акција, потврдија украинските власти.
Министерот за внатрешни работи Игор Клименко изјави дека специјалните полициски сили упаднале во објектот откако пропаднале преговорите со напаѓачот. Според него, напаѓачот бил убиен додека давал отпор при апсењето.
Од местото на настанот, Клименко изјави дека напаѓачот најпрво убил четири лица на улица, а потоа влегол во супермаркетот каде усмртил уште едно лице. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека шестата жртва – млада жена – починала подоцна во болница од здобиените повреди.
Клименко нагласи дека полициските преговарачи разговарале со напаѓачот околу 40 минути пред да се донесе одлука за упад.
„Се обидовме да го убедиме, знаејќи дека веројатно има повредено лице внатре. Дури и му понудивме да донесеме турникети за да се запре крварењето, но тој не реагираше. Затоа беше издадена наредба да се неутрализира“, рече Клименко.
Тој додаде дека напаѓачот бил вооружен со пушка што ја регистрирал законски. „Во декември минатата година, 2025 година, тој се обратил до надлежните органи за да го проверат своето оружје бидејќи неговата дозвола била истечена. Приложил лекарско уверение и поднел барање за обновување на дозволата. Тоа е сè што можеме да кажеме засега“, додаде Клименко.
Министерот исто така истакна дека истрагата дополнително ќе утврди која здравствена установа го издала лекарското уверение.


