Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека Меѓународен аеродром Скопје останува лидер во регионот, со раст од 32 проценти во споредба со истиот период лани.
„Меѓународниот аеродром Скопје останува лидер во регионот со раст од 32 % споредбено со истиот период минатата година“, напиша Николоски, повикувајќи се на податоци пренесени од специјализираниот авио-портал EX-YU Aviation News.
Тој посочи дека во првите месеци од годинава македонските аеродроми бележат раст од 30 проценти по број на патници и околу 20 проценти по број на операции, што, според него, ги потврдува политиките на Владата за развој на авиосообраќајот.
Во објавата се наведува дека годинава се воведени нови авиолинии од Скопје кон Неапол и Будимпешта, како и од Охрид кон Милано и Братислава, додека во јули се најавуваат линии од Охрид кон Катовице и Вроцлав, како и од Скопје кон Палермо и Алгеро.
„За речиси две години од работа на оваа Влада се воведоа 24 нови авиолинии кон европските центри, што е рекордна бројка“, наведува Николоски.
Тој информира дека во тек е проект за реконструкција, надградба и проширување на Аеродром Св. Апостол Павле во Охрид, со цел зголемување на капацитетите за патници и операции.
Николоски најави дека годинава се очекува бројот на патници да надмине 3,5 милиони, а следната година да достигне и до 4 милиони.
Во однос на состојбата со горивата, тој посочи дека таа е стабилна и дека авиосообраќајот се одвива непречено./Извор:Makfax


