На 152. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 15 до 19 април 2026 година во Истанбул, учествува Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ИПУ во состав: Африм Гаши, претседател на Собранието и шеф на Делегацијата во Интерпарламентарната унија (ИПУ), Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Арбана Пашоли и Јована Мојсоска, членови на Делегацијата и Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието.
На седницата на Форумот на жените парламентарки учествуваше пратеничката Арбана Пашоли. Таа имаше обраќање на тема „Интензивирање на конфликтите, намалување на правата на жените и девојчињата“, при што ја истакна итноста од зајакната меѓународна акција за заштита на правата на жените во услови на растечка глобална нестабилност.
Пратеничката нагласи дека Северна Македонија бележи значаен напредок во политичкото учество на жените, вклучително и изборот на првата жена претседател на државата во 2024 година, како и значителната застапеност на жените во парламентот. Таа потенцираше дека државата останува посветена на имплементацијата на агендата „Жени, мир и безбедност“, преку спроведување на национални акциски планови во согласност со Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Воедно, таа истакна дека институциите продолжуваат со зајакнување на законодавната рамка за борба против родово базираното насилство, подобрување на пристапот до правда за жените и зголемување на нивното учество во безбедносните и одбранбените структури.
Пашоли упати повик до меѓународната заедница за донесување и ефективна примена на заштитни политики, обезбедување конкретна поддршка за жените во кризни ситуации и нивно задолжително вклучување во сите преговарачки процеси.
Во рамките на 152. Собрание на ИПУ се одржаа седници на четирите комисии на ИПУ.
Пратеникот Оливер Спасовски учествуваше во работата на Комисија за мир и меѓународна безбедност, каде што се дискутира за извештајот и предлог-резолуцијата за улогата на парламентите во воспоставувањето цврсти механизми за пост-конфликтно управување и во обновувањето на праведен и траен мир.
Во своето обраќање Спасовски истакна дека мировните договори претставуваат само почетна точка во процесот на градење траен мир, кој мора да биде поддржан со силни институции, јасни правни рамки, отчетност и инклузивност. Тој посочи дека искуството на државата го потврдува тоа во пракса, потсетувајќи на конфликтот од 2001 година, кога Собранието одиграло клучна улога во изборот на дијалог наместо ескалација.
Во обраќањето тој потенцираше дека имплементацијата на Охридскиот рамковен договор била комплексен и долготраен процес, кој барал политичка волја, соработка меѓу политичките чинители и посветеност кон националното помирување. Денес, како што истакна Спасовски, Северна Македонија е функционална мултиетничка демократија, членка на НАТО и земја кандидат за членство во Европската Унија, што ја потврдува важноста на активната улога на парламентите во процесите на градење мир и доверба. Воедно, тој го истакна значењето на меѓународната поддршка, која треба да ги надополнува, а не да ги заменува националните напори.
На седницата на Комисијата за одржлив развој, на која се дискутира за Извештајот и Предлог-резолуцијата на тема „Градењето на праведна и одржлива глобална економија: улогата на парламентите во борбата против протекционизмот, намалувањето на тарифите и спречувањето на одбегнувањето на корпоративниот данок“, учествуваше пратеникот Беким Ќоку.
Тој, во своето обраќање, истакна дека глобалниот трговски систем заснован на правила се соочува со сериозни предизвици, вклучително и пораст на протекционизмот, трговските бариери и тарифните спорови, што особено негативно влијае врз малите и отворени економии.
Ќоку нагласи дека Северна Македонија, како економија силно интегрирана во регионалните и глобалните синџири на вредност, директно ги чувствува овие последици, при што отвореноста на пазарите и предвидливоста на трговските односи се од клучно значење за економскиот раст и животниот стандард на граѓаните. Тој посочи дека државата, како членка на ЦЕФТА и кандидат за членство во Европската Унија, останува посветена на принципите на слободна трговија, фер конкуренција и постепено отстранување на трговските бариери. Истовремено, тој изрази загриженост дека едностраните трговски мерки и тарифи на поголемите економии најмногу ги погодуваат помалите држави, предизвикувајќи раст на цените и нарушување на синџирите на снабдување.
Ќоку истакна дека Северна Македонија ги усогласува своите законски решенија со меѓународните стандарди, вклучително и насоките за спречување на ерозија на даночната основа, и ја поддржува иницијативата за воспоставување на глобална рамка за даночна соработка под покровителство на Обединетите нации.
……
Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите, во која членуваат 183 национални парламенти и 15 меѓународни парламентарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање позитивни демократски промени преку политички дијалог и конкретни активности. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации, чии цели ги споделува.
фото Собрание


