Centar.mk
-ЛОКАЛНО

Перински од Охрид: Инвестиции во инклузивен туризам и подобри комунални услуги за граѓаните

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, оствари работна посета на Општина Охрид, при што одржа средба со градоначалникот Кирил Пецаков, членовите на Советот и општинската администрација.

На средбата се разговараше за развојните приоритети на општината, тековните предизвици и можностите за нивно надминување преку заедничка координација меѓу централната и локалната власт.

Во фокусот на разговорите беше почетокот на реализацијата на проектот AdvenTour2, кој се спроведува во рамки на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка со Република Грција. Буџетот за Општина Охрид изнесува 187.685 евра, а проектот има за цел унапредување на пристапниот и инклузивен туризам, преку развој на инфраструктура и содржини достапни за сите категории граѓани, вклучително и лицата со попреченост.

Во рамки на проектот се предвидува унапредување на крајбрежната зона со поставување на пристапна опрема, адаптирани содржини и инфраструктура, што ќе придонесе за позиционирање на Охрид како пример за одржлива и инклузивна туристичка дестинација.

Паралелно, преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, Министерството за локална самоуправа обезбеди поддршка за јавното комунално претпријатие во Охрид, преку набавка на опрема за детекција и санација на дефекти во водоводната мрежа. Со оваа инвестиција се очекува значително подобрување на ефикасноста на системот и намалување на загубите на вода, кои во моментов се на високо ниво.

На средбата градоначалникот изрази благодарност за поддршката која Министерството континуирано ја обезбедува на општините било тоа да е преку националните програми или преку програмите за прекугранична соработка. Бројни, значајни и видливи се проектите кои се имплементирани преку програмата за намалување на диспаритетите, преку програмите финансрани преку Бирото за регионален развој, но и преку програмите за прекугранична соработка. Општината континуирано користи средства од наведените програми и истите се наменети за набавка на опрема со цел подобрување на јавните услуги кои ги обезбедуваат јавните претпријатија, но и за збогатување на туристичката понуда преку креирање на нови туристички производи притоа водејќи грижа за одржливост на животната средина.

Министерот Перински истакна дека Владата и Министерството продолжуваат со конкретна поддршка за општините, насочена кон проекти кои директно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.

„Активностите кои ги преземаме за зајакнување на локалната самоуправа се од суштинско значење и тоа веќе се чувствува на терен во сите општини. Не правиме компромис кога станува збор за интересот на граѓаните“, нагласи Перински.

Преку двата јавни повика за финансирање на проекти за капитална инфраструктура во општините, Владата за Општина Охрид одобри вкупно 24 проекти во вредност од 562.334.704 денари.

Караванот продолжува и во наредниот период, заокружувајќи ги посетите во сите општини низ државата.

фото Министерство за локална самоуправа МЛС

Можеби ќе ве интересира

Гувернерот Славески на Пролетните средби во Вашингтон: Гувернерите на централните банки и министрите за финансии ќе разговараат за стабилноста на светската економија

ДЕСК

„ЕУ за општините“ го објави првиот практичен прирачник за управување со проекти финансирани од ЕУ

ДЕСК

Јаневска: Реформската агенда ни наложува промени во високото образование, за тоа е потребна и нова законска рамка што сега ја креираме

ДЕСК